Зошто Владата избегнува да одговори на 9-те прашања за ХЕЦ „Чебрен“?

Владата е упорна во својата намера да го склучи договорот со грчки партнер и најголемиот хидроенергетски проект во Македонија „Чебрен“ да им го даде под концесија дури 60 години. Како што соопштуваат инвестицијата ќе била една милијарда евра за изградба на ХЕЦ со 333 мегават часови. Грците би ја граделе, а потоа ќе се формирала заедничка компанија во која Македонија ќе има 33-процентна сопственост.

Ваквата замисла на Владата е спорна за голем број од македонски енергетски експерти. Тие реагираат со аргументи подолг период. Универзитетски професори прават трибини, настапуваат во медиуми… укажувајки дека овој проект треба да се реализира во полза на Македонија, а не на штета на граѓаните, и дека „Чебрен и водите мора да бидат македонски“.

И други експерти, а и голем дел од јавноста упатува апел до Владата добро да размисли пред да го потпише договорот оти „преку овој проект Македонија струја нема да добива, а и неприфатливо е да се дава на странскиот концесионерот на поклон и ТЕЦ „Тиквеш““.

Повеќе од месец дена при сите тие расправи се отворија многу прашања на кои Владата засега не дава конктретни и јасни одговори. Најчестите дилеми се:

  1. Зошто Владата за сетиот овој проект се води по застарена странска студија која не одговара на денешните технички достигнувања?

Експертите укажуваат: Сега веќе може да се складира енергија, цените на ел. енергија се драстично повисоки од времето кога се правела студијата…

2. Зошто Македонија самата не го изгради ХЕЦ „Чебрен“, која е причината вака стратешки проект да се дава на странски концесионер?

Беше потенцирано дека: Изградбата се предвидува да трае најмалку 7 години што значи дека на проектираната инвестиција од 1 милијарда евра државата годишно треба да дава околу 150 милиони евра што не е неостварливо ако се види дека секоја година имаме државен буџет тежок многу милијарди евра. 

3. Зошто „Чебрен“ се дава на дури 60-годишна концесија? 

Експертите предупредуваат дека животниот век на хидроцентралите  е околу 40 – 50 години по што тие значително се амортизираат и руинираат. Значи Македонија кога ќе ја добие назад ќе мора многу да инвестира за да ја користи. 

4. Треба ли на странци во сопственост да се дава ХЕЦ „Тиквеш“? Зошто би се дало нешто на поклон ако сега годишно на Македонија и произведува од 120 до 150 гигават часови електрична енергија?

Експерти посочија дека: Доколку секоја година се продава струјата од ХЕЦ „Тиквеш“, којашто е обновена во 2005 година, заработката би изнесувала од 10 до 40 милиони евра. Тоа значи дека во наредниве 60 години, колку што изнесува концесијата, странецот ќе заработи од 600 милиони евра до 2,4 милијарди евра, а може тие пари да ги заработува Македонија.

 5. Што прифати Владата – Македонија да добива 33 проценти од произведената струја или 33 проценти од профитот кој странците ќе го покажат?

Голема е разликата во добивка по основ на едната или другата варијанта. Експерти велат дека власта се определила да зема од профитот што според нив е лошо оти постои опасност профитот намерно да се намалува на годишно ниво, а и Македонија ќе нема струја туку пак мора да купува иако има „своја“ хидроцентрала. 

6. Зошто е избрана опцијата да се гради толку скапа висока брана од 192 метри?

Подобро е да се направи пониска брана која ќе биде и поевтина и ќе може да се искористи повеќе вода. Таков проект бил понуден на Македонија.

7. Навистина ли градбата ќе чини една милијарда долари?

Според странски искуства експерти посочуваат дека градењето на брани во Франција, Полска, Португалија, Грција… покажува дека просечна цена на чинењето е 1,6 милиони евра за мегават час. Кај нас ќе е 3 милиони евра. 

8. Колку дополнителни пари (освен што ќе го поклони ТЕЦ „Тиквеш“) ќе мора да вложи Македонија околу „Чебрен“?

Според до сега познатото договорот предвидува македонската страна да направи пристапни патишта, огромна трафостаница, експропријација… Тоа значи дека Македонија ќе даде покрај ТЕЦ „Тиквеш“ и многу пари.

9. Кога Владата ќе ја покаже пресметката (која би морало да ја има) околу тоа колку Македонија ќе заработи од овој проект?

Прашањата се јасни и многу е важно да се одговорат пред власта да тргне во верификација на договорот. Владата не треба да бега од ова. Нека се судрат аргументите на власта со тие на универзитетските професори па нека се донесе одлуката. Не е добро да се избрза и да се остави големо бреме дури и на идните генерации кои уште не се родени, оти објектот ќе се гради минимум 10 години, а потоа 60 години ќе остане во странски раце.

Претходна вестТрамп води во трката за републикански кандидат за претседател
Следна вестМакедонија напрегнато чека: Дали Пендаровски пак ќе се кандидира?