Се уште се развлекува проблем кој власта го создаде со дадениот ултиматум дека граѓаните на Македонија до февруари наредната година мора да ги сменат личните документи. Во нив задолжително требало да го има омилениот збор на Владата – „Северна“.
И еве февруари се доближи, а работата не тече баш според предвиденото од првите луѓе на МВР. Пред десетина ден при јавување за закажување на термин за промена на документите се добиваше датум за во МВР на крајот на јуни.
Епа како да се спази владеачкиот ултиматум за промена на документите до февруари?
МВР денес-утре би требало да соопшти каде во Скопје ќе се отвори новиот пункт за промена на личните документи на граѓаните без претходно закажување. Наскоро, такви пунктови треба да добијат и други македонски градови. Но, дали со тоа ќе се решат маките коишто сега ги имаат граѓаните коишто треба да си ги сменат до ултимативниот рок кој им е поставен до 12-ти февруари?
Тешко, знаејќи ги претходните искуства. Ова „забрзување“ што го најавува МВР може ќе ублажи нешто во предизвиканиот проблем, но…
А сето тоа ќе значи дека на илјадници македонски граѓани може да им се случи на 13-ти февруари да немаат важечка лична карта со која си завршуваат работи во банки, пошти, аптеки…, и што е исто така важно нема да можат да излезат од земјава бидејќи пасошот со име Република Македонија ќе им биде неважечки.
Практично, се случува она што во јавноста се најавуваше долго време, а на што предупредуваше и „Скопско Ехо“ – голем број на граѓани да останаат „заробени“ да не може да излезат од земјава, да не може да земат плати и слично…
Јасно е дека нешто поконкретно мора да се преземе. А тоа е – продолжување на рокот за промената на пасошите и други документи! Треба да се определи нов рок, односно одложување на ултиматумот од година до две.
Тоа нема да направи никому проблем, а ќе им олесни на граѓаните. Во тој дополнителен период на многу од документите и онака ќе им престане важноста, а фамилиите ќе си направат распоред и приоритет кој што треба да смени, оти сето тоа е прескапо ако се прави наеднаш.
Инаку, промената на личните документи беше врзана со почеток на реалните преговори со ЕУ, а тоа се уште не се случува. Зошто тогаш се брза? За ова, но и други агли на истиот проблем, на социјалните мрежи постојано реагираат и граѓаните.
-А зошто пасошите не се менуваат постапно, како што им истекува важноста?, праша граѓанката Марија С.
Има и друго прашање: зошто таквата обврска треба да ја платат граѓаните? Народниот правобранител Насер Зибери неодамна беше категоричен во тоа дека таквата ставка не смее да има во семејните буџети. И граѓаните укажуваат дека штом државата прифатила таков договор, тогаш треба и самата да плати за последиците.
-Ова треба државата да го плати, затоа што тие го сменија името, а не народот, вели Сузе Т.
Но, на владините претставници не им се слуша за ваквите барања и ставови на граѓаните. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна ги смируваше граѓаните дека и по истекот на февруарскиот рок со несменетите документи ќе може да гласаат на изборите и да ги остваруваат други права.
Но, сепак има и некои делови-можности кои не се до крај јасни, а во прашање е сериозна работа. Затоа власта е на потег, треба да го одложи ултиматумот и полека без нејаснотии и непотребни проблеми и дилеми се да се реши за година до две.