Зошто власта за „Чебрен“ избра мегаломански проект кога имало можност за поевтин?

Нужни се многу одговори од страна на власта околу намерата да се реализира Договорот за големиот хидроенергетски проект „Чебрен“. Изградба и давање под 60-годишна концесија на грчкиот инвеститор Владата упорно ја турка. Скоро секој ден излегуваат експертски анализи и сознанија од кои некои навистина треба добро да се проанализираат пред да се тргне во авантурата.

Скоро сите експерти поставуваат едно прашање – зошто македонската влада запнала да го даде проектот на странци кога Македонија може сама да го изгради тој капитален објект (само треба добра организација и волја) и потоа да го користи за потребите на македонските граѓани?

За да се дојде до овој одговор се погласно се поставуваат и вакви прашања: Зошто е избрано решение со кое висината на браната на вештачкото езеро ќе биде најголема во Европа, а при тоа голем дел од насобраната вода ќе биде бескорисна? Дали Македонија ќе добива 33 проценти од произведената струја или ќе добива 33 проценти од ќарот кој претходно ќе го пресметаат странците? Дали навистина Македонија нема да вложува пари во проектот како што се објаснуваше? Дали треба воопшто да се поклони ХЕЦ „Тиквеш на инвеститорот? И многу други прашања…

Поконкретни одговори на ваквите дилеми до сега не дојдоа од владините претставници. Но, деновиве одговори даваат евергетските експерти кои се запознаени со содржината на договореното. Така, универзитетски професор Атанаско Тунески, кој е поранешен директор на МЕПСО и поранешен член на Регулаторна комисија за енергетика, деновиве на ТВ „Алфа“ изнесе сознанија дека само со давањето на ХЕЦ „Тиквеш“ на грчкиот инвеститор за 60 години ќе загубиме 2,4 милијарди евра. Тој посебно ја критикуваше и избраната варијанта да се гради висока брана.

-Воопшто немаше потреба да се прави толку висока брана. Тоа се избра врз основа на грчкиот проект за оваа брана правен пред 30 години и кој содржи погрешни податоци. Ќе се создаде езеро кое ќе има 60 проценти „мртов волумен“ односно, толку вода нема да може да се користи поради теренот. Акумулацијата од 915 милиони метри кубни вода е предимензионирана и правена врз погрешни податоци. Не се прават хидроцентрали ако „мртвиот волумен“ е поголем од 45 проценти. Порано имаше француски проект кој предвидуваше помала брана. Тоа ќе значеше и помалку вода и поефтин проект, а што е поправдано. Но, не го сакаа францускиот проект туку грчкиот за кој како единствен заинтересиран инвестотор се јави грчка фирма и на којашто и е доделен. Мене тоа ми е сомнително, изјави Тунески.

Професорот даваше одговори и на другите прашања кои се наметнуваат, но неопходно е одговори пред се да даде Владата. Овој проект е преголем за да се пројде без одговори и сериозна анализа. Особено што ќе ги засега и идните генерации кои уште не се родени, оти објектот ќе се гради минимум 10 години, а потоа 60 години ќе остане во странски раце.

Претходна вестВо Газа стапи на сила четиридневното примирје меѓу Израел и Хамас
Следна вестГолема полициска акција во Македонија, уапсени 20-тина криминалци