Во Газа стапи на сила четиридневното примирје меѓу Израел и Хамас

Четиридневното примирје меѓу Израел и Хамас, за да се овозможи ослободување на заложниците во Појасот Газа во замена за палестинските затвореници, официјално стапи на сила утрово во 7 часот по локално време.

Првото ослободување на заложниците, кои се 13 жени и деца, се очекува околу 16 часот по локално време.

За време на примирјето се очекува да бидат ослободени најмалку 50 од околу 240 заложници кои Хамас ги зароби на 7 октомври, во замена за ослободување на 150 малолетници и жени кои се во израелските затвори.

Неколку моменти пред официјалниот почеток на привремениот прекин на огнот, израелскиот воен портпарол Авичај Адраи во арапска порака до палестинските цивили во Газа во објава на Икс ги предупредува дека „војната се уште не е завршена“.

-Хуманитарната пауза е привремена. Северниот појас Газа е опасна воена зона и забрането е движење на север. За ваша безбедност, мора да останете во хуманитарната зона на југ, рече тој во пораката до жителите на Газа.

Примирјето ќе биде првиот прекин на огнот во речиси 50 дена војна.

„Гардијан“ пренесува дека 40-тина минути по почетокот на примирјето израелската војска соопштила дека во две израелски заедници во близина на Газа се огласиле сирени кои предупредуваат за потенцијални дојдовни ракети, но нема потврда дека имало напади или за некаква штета или жртви.

Паузата во борбите би можела да трае повеќе од четири дена – Израел вели дека на секои 10 ослободени заложници над почетните 50, паузата ќе биде продолжена за еден ден.

Претходна вестСообраќајка во Аеродром: Се преврте „Форд“, нема повредени
Следна вестЗошто власта за „Чебрен“ избра мегаломански проект кога имало можност за поевтин?