Путин го смени долгогодишниот министер за обрана Сергеј Шојгу

Рускиот претседател Владимир Путин предложи нов министер за одбрана на функцијата која од 2012 година ја извршуваше Сергеј Шојгу. Кремљ објави дека Шојгу ќе биде заменет со поранешниот прв вицепремиер Андреј Белоусов, малку познат политичар, чија специјалност се економски прашања.

Сергеј Шојгу, пак, кој е министер за одбрана од 2012 година и кој ја водеше руската војска низ нејзината инвазија на Украина, сега е именуван за секретар на Советот за безбедност на Русија, во чија надлежност е советување на претседателот на државата за прашања од националната безбедност. Како дел од неговите должности во Советот за безбедност, како што соопшти Кремљ, ќе биде советување за воено-индустриски прашања.

Шојгу ќе го замени Николај Патрушев на местото претседател на Советот за безбедност. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека следната позиција на Патрушев ќе биде објавена во наредните денови.

Песков додаде оти Кремљ сака да назначи економски експерт на чело на Министерството за одбрана во услови на зголемени трошоци поврзани со руските безбедносни мерки.

Инаку, Сергеј Шојгу важи за близок до рускиот претседател и е еден од основачите на партијата Единствена Русија, чиј водач своевремено беше Владимир Путин пред преземањето на претседателската функција во 2012 година.

Претходна вестБез струја корисници од село Долно Лисиче
Следна вестРумен Радев до Македонија: Нема да се ревидираат договори