100 години Конески: Јазикот е единствената наша татковина, се додека го чуваме…

Честувањето за него е чествување на кодот на нашата држава и нација, кодот на нашиот бит и нашиот македонски идентитет. Ова беше само една од многуте оценки за големото дело на македонскиот великан Блаже Конески искажана деновиве на бројните чествувања по повод одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање.

Конески е роден на 19 декември 1921 година во прилепското село Небрегово од каде започнува неговиот животен пат кој трае до 1993 година и во текот на кој станува еден од најистакнатите македонски културни дејци, писател, врвен поет и научник чиешто дело е всадено во историјата на македонскиот јазик и во областа на културната историја на македонскиот народ.

Тој е втемелувач и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, академик, поет, прозаист, есеист, литературен историчар, филолог и лингвист, преведувач и професор…

-Чествувањето на Блаже Конески е чествување на кодот на нашата држава и нација,  Денес, не е доволно само свечено да го чествуваме делото на Блаже Конески, неопходно е да ги почитуваме неговите научни придобивки за континуитет на македонскиот јазик, културна и национална историја. Тие треба да бидат суверен и неотуѓив составен дел на македонскиот национален интерес, а националниот интерес е државен интерес, потенцира Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ на неодамнешното чествување за Конески одржано во МАНУ.

Во таа пригода посебно беше потенцирано дека Блаже Конески го заокружува процесот на стандардизацијата на македонскиот словенски јазик зачнат во 9-от век во рамки на старословенскиот, подоцна и црковнословенскиот јазик од светите Кирил и Методиј. Тој, следејќи ја подеднакво и историјата на јазикот, но и неговата современа употреба и структура ги поставува на врвно научно ниво нормите на македонскиот современ јазичен код.

-Конески со своето дело ја пренесува пораката дека јазикот има стратешки интерес за опстанокот на еден народ, за востановување на една нација и на една држава. Тој смета дека македонскиот јазик е македонски национален интерес, а не национален интерес на соседите, потенцира академик Катица Ќулавкова.

Ваквиот однос и став на самиот Конески надобро се гледа и од една негова мисла искажана во однос на македонскиот јазик.

-Послушајте Македонци! Јазикот е единствената наша татковина. Се‘ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште , порача своевремено Конески.

Зад него се останати бројни дела кои го одбележуваат македонскиот јазик, лингвистика и културата воопшто: Македонски правопис со правописен речник (со Крум Тошев, 1950), Граматика на македонскиот литературен јазик (прв дел, 1952), За македонскиот литературен јазик (1952), Граматика на македонскиот литературен јазик (втор дел, 1954) Везилка (Култура, 1955), Речник на македонскиот јазик (1961), Историја на македонскиот јазик (1965)… На собирот во МАНУ беа промовирани и 12 тома од неговите дела кои ја опфаќаат неговата поезијата, проза, препевите и прилозите кон современиот македонски јазик.

Посебно е значајно неговото поетско творештво кое е инспирирано со македонската традиција. За многумина, една од неговите најубави песни е „Везилка“:

– Везилке, кажи како да се роди

проста и строга македонска песна

од ова срце што со себе води

разговор ноќен во тревога бесна?

– Два конца парај од срцето, драги,

едниот црн е, а другиот црвен,

едниот буди морничави таги,

другиот копнеж и светол и стрвен.

Па со нив вези еднолична низа,

песна од копнеж и песна од мака,

ко јас што везам на ленена риза

ракав за бела невестинска рака…

Оваа 2021 година, инаку, беше прогласена за година во чест на Блаже Конески од страна на македонската Влада. Почитта кон овој македонски творец беше искажана и од страна на УНЕСКО на чија листа беше ставен овој настан. На меѓународно чествување во Париз во април годинава беше потенцирано дека Конески има големио значење и за светското поетско и мислечко наследство. Бројни чествувања се одржуваа и ширум Македонија, по градовите и институциите од областа на културата.

 

Претходна вестАрсовска менува директори, а кога на ред ќе е средувањето на градската администрација?
Следна вестОпозицијата со аплауз ја поздрави оставката на Заев и ја обвини Владата дека бега од пратенички прашања