Опозицијата со аплауз ја поздрави оставката на Заев и ја обвини Владата дека бега од пратенички прашања

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, на денешната седница на која беше констатирана оставката на премиерот Заев и на Влада, упати критики до власта дека во 17-месечното постоење на Владата која сега е оставка се одржани само осум седници за пратенички прашања.

-Зошто оваа влада покрај сите препрепреки, како што е недозволување да се разгледаат интерпелациите поднесени од опозицијата, кои никогаш не дојдоа на ред за дискусија, барањето за анкетна комисија за тетовската ковид-болница, не ги повикува министрите за да им ги поставиме прашањата за изминатиот период и за тоа што е направено, а се должи да го кажат на пратениците како пратенички прашања. Ова е скандал, што тие не присуствуваат на пратенички прашања, а ќе има други седници на Собранието, рече Мицевски.

На ова реагираше спикерот Џафери, кој му кажа на Мицевски дека нема право да поставува прашања.

-Некоректно е да мешате работи, распуштање на Собрание и оставка на Влада. Тоа не се ист состојби. Распуштање на Собранието не подразбира и престанок на мандат на Влада. Оставка на премиер значи оставка на цела Влада. И според процедурите, член 219 и 220 од Деловникот, и од искуството од претходните мандати, не се случило на Влада која дала оставка да и се поставуваат пратенички прашања, објасни Џафери.

Во собраниската сала беа само пратениците од опозицијата, кои откако беше констатирана оставката на Заев, ја поздравија со аплауз.

 

Претходна вест100 години Конески: Јазикот е единствената наша татковина, се додека го чуваме…
Следна вестИницијативата за кривично гонење на екс-министерот за култура ги скара Гаши и Антикорупциска