Арсовска менува директори, а кога на ред ќе е средувањето на градската администрација?

Новата скопска градоначалничка речиси го заврши процесот на менување на директорите на скопските јавни претпријатија. Се поставуваат в.д. директори, а во иднина управните одбори на овие претпријатија ќе распишуваат конкурси за избор на првите луѓе со полн мандат. Сето тоа се правело како што велат за да се подобрат работењата на претпријатијата. Ќе биде ли така?

За успешно работење не е доволно да се смени раководното лице. Треба да се реорганизира, да се унапредува, да се види каде шкрипи администрацијата… И не само во јавните претпријатија туку и во сето она што се нарекува градска администрација која воопшто не е мала туку брои преку 8.000 вработени, а заедно со општините преку 15.000 лица. Тоа е цела армија, а некако на терен не се забележува дека си ја сработува работата.

Потребни се промени со цел главниот град на Македонија конечно да добие мала, ефикасна, но и непартиска администрација.

Веќе со години е познато дека градот Скопје и општините имаат преголема и неефикасна администрација. Нејзиниот претходник Петре Шилегов уште пред три години рече дека има вишок од околу 1.200 вработени но потоа ништо не се намали. Тој тогаш рече дека ЈП „Градски паркинг“ кој сега има 252 вработени може слободно да функционира со 130 работници, дека во ЈСП „Скопје“ кое сега има 1.307 вработени има дури 700 административци… А вишок администрација има и во „Комунална хигиена“ со 1.231 вработен, „Водовод и канализација“ – 1.201, „Паркови и зеленило“ – 510… Познато е, сето ова е и резултат на партиските вработувања кои се пракса по секои избори како награда за партиски активисти. Со тоа, нивниот број и трошоците на градската каса секоја година беа се поголеми.

Токму ова, средување на вишоци и департизација на администрацијата, треба да биде еден од приоритетите на Арсовска во овој почетен период. Овој процес треба да започне сега за да се определи концепт и начин на промените и во најбрзо време се добие помала и поефикасна администрација и јавни претпријатија. Ако се случи одлагањето, приказната пак ќе заврши како во време на нејзините претходници: градската администрација ќе остане непроменета, услугите кон граѓаните нема да се променат и се ќе остане исто, поради што скопјани и го казнија Шилегов не давајќи му втор мандат.

Претходна вестПендаровски прикочи, ќе успори ли и Владата околу бугарското вето?
Следна вест100 години Конески: Јазикот е единствената наша татковина, се додека го чуваме…