Гласањето заврши, Македонија ќе добие претседател и нов парламентарен состав

Заклучно со 19 часот заврши гласањето на вториот круг од седмите претседателски избори, како и од парламентарните избори на вкупно 3.480 избирачки места. Според првичните сознанија, надминат е неопходниот цензус при изборот на претседател на државата, а што беше голема неизвесност во текот на денешниот ден. Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, во изјава за Сител ги сподели последните податоци околу излезеноста за претседателските и парламентарните избори.

-Излезеноста заклучно со 18:30 часот за претседателските избори изнесува 46,34 отсто, додека за парламентарните избори е 53,43 отсто, рече Даштевски.

Тоа значи дека Македонија вечерва ќе го добие претседател на државата, но и нов состав на македонското Собрание.

Гласачките места беа отворени во 7:00 часот. Право на глас на изборите за шеф на државата имаа 1.814.317, а на парламентарните 1.815.350 граѓани запишани во избирачкиот список. Тие на 3.480 избирачки места можеа да се изјаснат за еден од двајцата претседателски кандидати Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски, кои освоија најмногу гласови во првиот круг на 24 април.

Во вториот круг на гласање ќе биде избран кандидатот кој ќе добие мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излезат повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 725.727 гласачи, како што е предвидено во Изборниот законик, а за него гласале 362.864 избирачи.

На единаесетите парламентарни избори, пак, право на глас имаа 1.815.350 избирачи. За парламентарните избори се гласаше согласно пропорционалниот модел во шест изборни единици. Избирачите можеа да гласаат со заокружување на еден од редните броеви пред седуманесетте листи на кандидатите за пратеници. Листи за кандидати за пратеници имаат Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ, Коалиција Храбро за Македонија предводена од ГРОМ, Коалиција Европски фронт на ДУИ, политичката партија Левица, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“, политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Единствена Македонија, Нова алтернатива Скопје, АВАЈА, Европско граѓанско движење, Македонска ера трета/Македонски независни листи – Суверенисти, Твоја партија, Родина Македонија, Десна, Демократи Скопје и Работничка партија.

Одѕивот на претседателските избори до 17 часот, според дотогаш пристигнатите податоци во ДИК, изнесуваше 42,32 отсто, а на парламентарните 46,93.

Според првичните оценки на ДИК, МВР и набљудувачите, изборниот ден помина мирно и без поголеми проблеми.

ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите. Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

Претходна вестСо трактор прегазил и тешко повредил жена во Р’жаничино
Следна вестМуцунски: Македонија ќе има нов претседател, пропадна сценариото да се создаде криза во државата