13 минути не дадоа гол: Македонските ракометари загубија од Словенија 31- 21

Периодoт од цели 13 минути во текот на кои македонските ракометари не постигнаа ниту еден гол беа решавачки за денешниот пораз на нашата репрезентација против Словенија со десет гола разлика – 31 : 21, во втората фаза од натпреварите на Светското првенство во ракомет во Египет. Тој лош период беа последните десет минути од првото и првите три минути од второто полувреме кога словенечките ракометари од резултатот (9:9) дојдоа до водството 15:10 во 33 минута од натпреварот. Претходно, во првите дваесетина минути македонските репрезентативци покажаа добра борбеност за што сведочеше и водството од 6 : 4 во десетата минута од натпреварот.

Бројните технички грешки и очигледниот пад на концентрацијата беа проблем на нашите ракометари, но и подигнатото темпо на словенечката репрезентација. Нашиот најдобар ракометар Кире Лазарот свој прв погодок од игра го постигна дури во 33 минута од натпреварот, а претходно даде три гола од пенал.

Веќе во 40 минута се виде дека натпреварот е загубен кога Словенија поведе со осум гола разлика – 20 : 12, по што селекторот Брестовац го повлече Лазаров да го одмори за следните натпревари. Од тогаш гол разликата почна да расте во корист на Словенија. 

Сепак треба да се нагласи дека на овој натпревар играта на македонските репрезентативци беше подобра отколку на дуелите со Шведска и Египет.

Инаку, македонскиот стручен штаб има причина за загриженост поради повредите на Велковски и на Кузмановски, кои предвреме го завршија овој натпревар.

Капитенот Кире Лазаров беше најефикасен со пет погодоци, а по трипати прецизни беа Танкоски, Талески и Кузмановски. Добро одиграа двајцата голмани.

Македонија во следното коло в петок ќе се сретне со Русија, повторно во 15.30 часот. Да се надеваме дека тогаш македонските ракометари ќе се покажат во подобро светло. 

Претходна вестНа угостителите не им е доволно само продолженото работно време, имаат и други барања
Следна вестСтуденти со протест бараа повлекување на образовната реформа