5 големи скопски проблеми ја чекаат Арсовска посериозно да ги решава во 2023 година

Обврската да се почне со посериозно средување на најболните градски проблеми стои долго време. Импулсот дека конечно наредната година работите ќе се менуваат на подобро, треба да го даде градоначалничката Арсовска, а не Дедо Мраз

Има проекти чијашто реализација треба да започне веднаш во Скопје. Во спротивно нема да може да се завршат до крајот на мандатот, како што вети градоначалничката

 Скопје е град со многу проблеми кои, за жал, или многу бавно или воопшто не се решаваат. Се менуваат градоначалниците, советниците во Совет, поминуваат годините, но проблемите остануваат, се трупаат и растат. Ќе биде ли така и во новата 2023 година?

Надежите за подобрувања треба да ги даде градоначалничката Данела Арсовска, а не Дедо Мраз. Таа го може тоа? Да, градот е презадолжен, а и отежителна околност ќе и бидат нарушените односи со ВМРО-ДПМНЕ, помалку и со СДСМ. Но, Скопје и скопјани заслужуваат следната година да биде поинаква, подобра. Петте најголеми проблеми на Скопје (кои при наша анкета ги посочуваат скопјани) мора да почнат да се решаваат во следните 365 дена.  

1. Средување на јавниот превоз и правење нов концепт

Хаосот во скопскиот јавен сообраќај деновиве исплива на површина. А тој треба да е крвотокот на Скопје. Најголемиот градски превозник ЈСП „Скопје“ се гуши во загуби, превработеност, нефункционалност. Во октомври граѓаните останаа без јавен превоз по штрајкот за плата, што се премавна откако Советот даде два милиони евра. Но, тоа не е решение. На ова само се надоврзаа протестни блокади на приватните автобуски превозници кои бараат од ЈСП да им исплати долг. Значи, потребно е долгорочно решение за јавниот превоз. Во наредниве два-три месеци мора да се најде прво решение за непречено функционирање на ЈСП, а истовремено и за побарувањата на приватните превозници. Обврска и е да го реализира и ветувањето за бесплатен градски превоз, за набавка на 250 нови еколошки автобуси, ЈСП да се постави на здрави финансиски нозе…

Важно е следната година да се направи определувањето на новиот концепт на јавниот градски превоз. Градоначалничката Арсовска се изјасни дека не и е прифатлив концептот на БРТ на нејзиниот претходник Петре Шилегов. Таа најави дека наскоро ќе почне со реализација на друга опција која биле меѓу три што се понудени и дека два тима веќе работат на тој концепт. Тоа не смее да се одолговлекува.

  2. Непартиска, мала и ефикасна администрација

Одамна е констатирано дека Скопје и неговите десет општини  имаат прегломазна и неефикасна администрација. Бројката од над 15.000 вработени во градски и општински служби мора да се налали. Така со години велат и самите локални власти. Меѓутоа, наместо намалување, се случило нејзиното зголемување, посебно во случај на Градот Скопје. Така, на пример, преклани во Градот Скопје имало 640 вработени, а лани дури 723!? Сето ова е и резултат на партиските вработувања кои се пракса по секои избори како награда за партиски активисти, а нема подобрување во ефикасноста. Уште пред четири години поранешниот градоначалник Петре Шилегов рече дека има вишок од околу 1.200 вработени, но потоа ништо не се намали.

Ова градоначалничката Аросовска мора да го смени. Треба да ги сведе градските служби на оптимално ниво. Да, таа на примерот на спротивставувањето на партиското ангажирањето на околу 100 нововработени во градското претпријатие „Водовод и канализација“ покажа дека сака ред во вработувањата, но дали тоа е доволно? Скопје нема доволно пари за гломазна градска администрација. И секако, Арсовска мора да ги стегне вработените да работат, а не да клатат врата и да земаат плата.

 3. Градење: Гасификација, нови сообраќајници…

На градот му фалат нови улици. Скопје уште ги чека капиталните инфраструктурни сообраќајни проекти. Она што беше започнато од нејзиниот претходник или е запрено или пребавно се гради – мост во Аеродром, улица „Есенинова“, улица „Васко Карангелески“, подземна сообраќајница кај Стара железничка станица… Објаснување е дека документацијата е несредена. Но, што е тогаш со ветените проекти: модерен сообраќаен коридор „Мавровка“, мост меѓу Маџари и Лисиче, Источна порта на Скопје, проширување на булавер „Цветан Димов“, внатрешна обиколница во Гази Баба и Бутел, клучка кај Јурумлери, натпатник во Автокоманда, булевар „Благоја Стефковски“ во Гази Баба…

Сето ова се проекти чијашто реализација треба да започне веќе в година за да може да се завршат до крајот на мандатот, како што е и ветено. Добро е што се врши реконструкција на одредени веќе постоечки сообраќајници, но тие мора да се прават многу побрзо и посоодветен термин.

 Истовремено, расплет треба да добие и прашањето околу гасификацијата на Скопје, а за што Арсовска во кампањата кажуваше дека има „системски решенија за секундарната и терциерната мрежа на гасификација“. Но, и тој проект е закочен, поради доцнењето на Владата во изборот на стратешки партнер кој ќе ја изведува секундарната гасификација по општините, односно, до домаќинствата.

 4. Стоп за урбанистилкото насилство, нов ГУП, ревизија на ДУП-овите

Урбанистичко насилство се врши низ Скопје. Мора да се врати редот. Со крајот на годинава завршува и важењето на досегашниот Генерален урбанистички план на Скопје за период од 2012 до 2022 година. Тоа го отвора прашањето како ќе се изведуваат новите Детални урбанистички планови по скопските општини, но и крупни градски проекти? Некаква процедура на носење на нов ГУП со рок до 2023 година е започната. Но не смее да биде спора и подлежна на странични влијанија. Нема јавни расправи, нема собирање на мислења на експерти, граѓани, нема нудење на концепти… Поранешниот градоначалник имаше план Скопје да се шири кон северните подрачја, а каква замисла има Арсовска не е познато. Да не се случува понатамошна бетонизација на градот.

Потребно е и преиспитување на ДУП-овите по општините кои досега предизвикуваа бројни реакции на граѓаните – оние кај ГТЦ, во Капиштец, Дексион, „Треска“… Примерите со пренатрупаните населби Дебар Маало, делови од Аеродром, Расадник… доволно зборуваат дека одлуките се носеа многу повеќе во интерес на „урбанистичката мафија“ отколку на граѓаните.

 5. Чист воздух и почисти улици

Доволно беше малку да застуди, да почне грејна сезона за Скопје повторно да се најде меѓу најзагадените метрополи во светот. Се чини, состојбата најдиректно зависи од тоа дали во скопската котлина ќе дувне некаков ветер или не. Епа, време е Арсовска со помош на Владата да дувне нови ветришта на превенција од загадувањата. Во изминативе години не е направено многу и би било трагично да се загуби и наредната година. Меѓутоа, од градската управа се уште нема најави за конкретни мерки кои ќе бидат преземени, нема подготвување на некаков план. Се се сведува на некакви субвенции за велосипеди, електрични тротинери, некој инвертер… Нема покрупни мерки, а од нив како да се откажала и централната власт. Следната година треба да се забрза гасификацијата, да се пристапи кон пошумувањето на Водно кои настрада со изградба на гасоводот, треба да се садат ветените 100.000 дрвја годишно по разни градски локации…

Хигиената по градот е незадоволителна.  И тука Арсовска следната година многу повеќе треба да запне.

Арсовска е на потег. Нема оправдувања ако и следната година овие главни проблеми не почнат потемелно да се решаваат. Следните 365 дена таа мора да покаже дека поголема ефикасност, организираност… Ако не се случи тоа, тогаш се погласни ќе бидат размислувањата кои веќе ги има кај многумина – за нови избори. Скопје нема повеќе време за чекање. 

Секако, на потег се и ВМРО-ДПМНЕ, но и СДСМ кои мора да престанат со политичките препукувања. Па нели многу го сакаат Скопје?

Долга листа на ветени проекти:

 Листата на проекти кои градоначалничката Арсовска им ги вети на скопјани воопшто не е мала. На реализација чекаат пет нови мега-паркови, пет нови булевари, гасификација на градот, 250 нови еколошки автобуси, пречистителна станица, бесплатен јавен превоз, сообраќаен коридор „Мавровка“, најдобар Луна парк на Балканот и два нови забавни парка, зелен коридор – Серава и Лепенец, нов објект за Скопски саем, жичарница од Скопје до Средно Водно, мост меѓу Маџари и Лисиче, нова градска библиотека, нова гимназија, Јужен коридор, пешачка зона во центарот, садење на 100.000 дрвја секоја година, коцертна сала на отворено, водоводи за повеќе населби,…