70 проценти од Македонците се против преговарачката рамка со ЕУ

Мнозинството граѓани – 55,7 отсто се против преговарачката рамка која Владата ја договори со Европската Унија и сметаат дека со тоа земјава се става во потчинета положба, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење кое за потребите на Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена телефонски во периодот од 2 до 6 мај, годинава врз репрезентативен примерок од 1.112 испитаници.

Според истражувањето само 28,1 отсто од испитаниците даваат поддршка за преговарачката рамка при што Македонците и Албанците имаат сосема различни ставови.

Додека 70 проценти од Македонците се против преговарачката рамка, дури 75 отсто Албанци даваат поддршка. За преговарачката рамка се само 13,2 проценти од Македонците, додека против неа се само 11,5 отсто етнички Албанци. Најмалку граѓани против преговарачката рамка има во Полошкиот регион, а најмногу во Вардарскиот без Скопје и на Југоистокот, покажуваат резултатите од испитувањето.

Граѓаните се поделени и околу можноста да се преговара за нова рамка.

Од нив 37,1 отсто сметаат дека тоа е можно, додека 36,4 проценти, пак, сметаат дека репреговарање на преговарачката рамка не е опција. Тука нема некоја голема разлика меѓу ставовите на доминантните етнички групи. Кај Македонците 36,3 отсто сметаат дека може, а 36,7 проценти дека не може повторно да се преговара за нова рамка. Кај етничките Албанци, 40,6 отсто се на ставот дека е можно да се договори и нова преговарачка рамка, додека 34,9 отсто дека не може – покажуваат резултатите од анкетата.

Претходна вестПали Колефски реизбран за градоначалник на Пустец
Следна вестИма ли некој на време да ги изгасне уличните светилки во Аеродром