Првачињата од албанска националност во Македонија ќе учат од ист буквар како и нивните врсници од Албанија и од Косово. Министерот за образование Јетон Шаќири соопшти дека македонското Министерство даде согласност за употреба на Буквар за ученици од прво одделение на албански наставен јазик во учебната 2022/23 година.
-Министерството за образование и наука даде согласност за користење на материјалот составен од авторите Мимоза Ѓокутај, Саранда Кумнова, Насер Забели и Тереза Бабасули, кој е посветен на првачињата запишани во училиштата каде што наставниот јазик е албански, напиша Шаќири на својот фејсбук-профил.
Тој додаде дека Министерството за образование и наука и во иднина ќе ја поддржи секоја иницијатива за употреба на дидактички материјали кои се од интерес на учениците и помагаат во остварување на целите дефинирани со наставните планови и програми.
Букварот е изготвен како резултат на соработката на министерствата за образование на Албанија и Косово и веќе е во употреба во тамошните училишта.