Филмот „Вознемирена земја“ на Кумјана Новакова квалификуван за „Оскар“

Академијата за филмски уметности и науки во САД ја објави листата на филмови кои се квалификуваа за 95-то издание на Оскарите, а гласањето започнува денеска (12 декември). Меѓу квалификуваните е и филмот „Вознемирена земја“ на македонската режисерка Кумјана Новакова, кој се квалификува за „Оскар“ во категоријата за долгометражен документарен филм, пишува МИА.

„Вознемирена земја“ кој е во македонска копродукција се квалификува за „Оскар“ со освојувањето на Големата награда (Grand Prize) на 14. издание на фестивалот на документарен ДМЗ Докс (DMZ Docs), информира режисераката Новакова.

Освојувањето на наградата на ДМЗ Докс беше проследено и со втората извонредна рецензија во едно од најпрестижните филмски списанија на светот „Скрин Дејли”.

– „Вознемирена земја“ е рефлексија и оддава почит на одлучната истрајност на човечкиот дух и неговиот капацитет да ги издржи и преживее и најстрашните околности, се наведува во рецензијата на „Скрин Дејли”.

„Вознемирена земја“ на Кумјана Новакова во корежија со Гиљермо Карерас-Канди, е во шпанско-босанска-македонска копродукција.

По премиерата во официјалната селекција во Сараево, филмот беше дел од официјалната програма на некои од најреномираните интернационални филмски фестивали во светот. Филмот го доби и специјалното признание „Кромид“ во главната програма за најдобар интернационален долгометражен креативен документарен филм на овогодинешниот МакеДокс, а беше номиниран и за најдобар источноевропски долгометражен документарен филм од Институтот за документарен филм во Прага.

Претходна вестОбјавена е нова листа, овие градови се најскапи за живот
Следна вестЦентарските пајаци цела недела биле многу вредни