Јас и Владата имаме јасна цел, во ЕУ до 2030 година. Многумина велат дека тоа е многу амбициозна цел, но јас ќе речам дека не е невозможна, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски. На денешната прес-конференција што ја одржа заедно со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ тој потенцира дека е потребно единство во државата околу таа цел.
-Да бидеме единствени за членство на Северна Македонија во Европската Унија. Јас сум свесен и за одговорностите и предизвиците, но некои одлуки треба да ги донесеме поради сите граѓани. Вие пратениците мора да покажете единство поради нашите граѓани. Процесот е сложен и бара силна волја, не поради ЕУ туку поради нашите граѓани. Имаме силна поддршка од државите членки. Имаме пријатели и сојузници во ЕУ и сега се е во наши раце, додаде премиерот.
Во однос на текот на скрининг процесот тој објасни дека следната недела започнува билатералниот скрининг за Кластер 2 – „Внатрешен пазар“, а досега е завршен билатералниот скрининг за Кластерот 1 – „Фундаментални вредности“.
– Досега имаме квалитетни презентации во сите поглавја, а коментарите од Европската комисија за досегашните презентации се одлични. Добар процент на усогласеност имаме во правната рамка во носењето на законите, но секако остануваат отворени прашањата на кои треба да се посветиме, а тоа се реформата на јавната администрација, механизмите за владеењето на правото и борбата со корупцијата, нагласи Ковачевски.
Тој рече дека нема да има лидерска средба за уставните измени, а Бугарија нема истакато ново барање во текот на скринингот со кое ќе го блокира процесот за пристапување на Македонија кон ЕУ.
Според Маричиќ најважно е процесот успешно да започне и заврши.
-Прашањето за уставните измени е отворено. Правиме консултации на експертско ниво за кои сум сигурен, а имавме и лидерска средба во Собранието што го иницираше тој дијалог. Она што можеме да го кажеме е дека уставните измени, во наредните неколку недели и месеци ќе бидат актуелизирани и на дебати со граѓански организации и експерти, како во однос на нивната содржина така и во однос на политичкото значење. Политичкото значење е многу повеќе од само уставни промени на еден дел од преамбулата и еден амандман за комитетот за односи меѓу заедниците. Овие уставни амандмани имаат значење на зелено светло од нашето Собрание за продолжување на преговорите со ЕУ. Верувам дека таа дебата која ќе се одвива со јавноста околу важноста, ќе бидат вовед во институционалната дискусија и продолжувањето на процедурата во Собранието. Треба да се подготвени и секој да даде свој придонес за да започне и успешно да заврши, додаде тој




