Кога МВР на заканувачите за поставени бомби ќе им одговори посоодветно?

Заканите за поставени бомби не стивнуваат, напротив… Скопските училишта вчера беа изложени на најбројните закани со поставени експлозивни направи во изминативе пет месеци откако трае ваквиот тероризам. До кога вака, кога полицијата на ова ќе одговори соодветно?

Додека македонските граѓани го чекаат одговорот вчерашните дојави имаа и една друга димензија: беа испратени на електронски адреси на дури 33 основни училишта во Скопје. Полициските аналитичарите сигурно дека ќе проценат што значи ова од аспект на стратегијата на инспираторите на дојавите, но и без таквите анализи се гледа дека работите околу дојавите за бомби одат се подалеку. Тоа загрижува.

Државата речиси пет месеци е заложник на ваквите сајбер – напади. Се прекинуваат часовите, се нарушува наставата за која не е јасно како ќе се надоместува, се прекинува работата на трговските центри, аеродромот… Се исцрпуваат и полициските сили кои се обврзани максимално внимателно да ги проверуваат сите дојави.

На ова мора да се стави крај.

МВР уверува дека работи на тоа, министерот Оливер Спасовски даваше изјави дека има трагови, дека интензивно се врши истрага, дека се соработува со друго полициски управи во земјите каде има исти вакви дојави, дека се лоцирани земјите од каде што се испраќаат заканите, се покренаа тужби за некои инцидентни сторители во Македонија, но и дека има тешкотии… 

-Испраќачите може лесно да се откријат ако дојавите се упатуваат од електронски адреси во земјава, но дека претставува проблем ако тоа се прави преку Ви-пи-ен, бидејќи тогаш е многу тешко и речиси невозможно да се открие од каде доаѓаат, изјави деновиве Спасовски.

Тој нагласи дека во спроведувањето на истрагата за дојавите МВР бара помош од сите институции и сите партнери и партнерски служби како Интерпол, Европол и земјите членки на НАТО. Барањето ваква помош сигурно дека е неопходно, но она што зачудува е како на сета таа соработка, која сигурно ја прават и бројни други земји каде стасуваат дојавите за поставени бомби, сторителите се уште остануваат неоткриени? Недоволно се брза, има други приоритети, или интернет-просторот е веќе направен лавиринт во кој се губат и тие што го создале? 

На македонското МВР останува да биде понастојчиво и поорганизирано околу сузбивањето на оваа појава. Вчера, по средношколците кои се вознемируваат со месеци, на ред дојдоа и основците, првачиња, вторачиња… Нивните учителки, родители кои мораа предвреме да ги земаат расплаканите деца од училишта по ладното време.

Интернет-терористите се осилуваат, затоа треба што побрзо да се откријат.

Претходна вестБМВ и Фолксваген: Воведување на стандардот Еуро 7 би значело крај на автомобилите на бензин и дизел
Следна вест„Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни“, пораката на Стефановски преведена на десетина јазици