„Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни“, пораката на Стефановски преведена на десетина јазици

– Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, ткаат мрежи. Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се сржта на нашиот живот, ‘рбетот на нашиот идентитет, е пораката на истакнатиот македонски драмски автор и есеист, Горан Стефановски од неговиот последен есеј „Искра што се измолкнува” а која ќе биде преведена на нови десетина јазици, информираа денеска од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).

– Должни сме македонските културни достоинства да ги вреднуваме и афирмирме постојано, а не само тогаш кога се случуваат одредени јубилеи кои се значајни за македонската култура. Затоа и не запревме со активностите кои ги остваривме во чест на Стефановски во 2022. Годината кога се навршија 70 години од неговото раѓање, туку продолжуваме и понатаму, како впрочем и до афирмацијата и вреднувањето на творештвото на сите македонски автори чиешто творештво и се изучува во рамките на наставата на странски универзитети. Оваа, конкретна активност е и сомболична, но и активностите во ваков формат придонесуваат за натамошен продлабочен интерес за македонистиката во странство, неретко и со нови научноистражувачки и преведувачки потфати, како и воопшто за јакнење на релациите меѓу македонската и другите култури, вели директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Претходно тестаменталната порака на Стефановски беше преведена на сите официјални јазици на Европската Унија.

Преводите ќе се објавуваат на страницата на МСМЈЛК при УКИМ на социјалнта мрежа Фејсбук (https://www.facebook.com/msmjlk), при што пораката на Стефановски ќе биде претставена со прочит на преведувачите од странство – студенти по македонистика на странските универзитети и соработници на МСМЈЛК при УКИМ. Денес, веќе е и објавен првиот превод на пораката – од македонски на виетнамски јазик.

Инаку, минатата година, во чест на Стефановски беше и Втората зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ, а посебно внимание на неговото творештво беше посветено и на 55. Летна школа, со одделно предавање и во рамките на лекторската настава по литература.

На творештвото на Стефановски му беа посветени и есии на минатогодишната, 49. Меѓународна научна конференција, која беше и прв научен собир посветен на истакнатиот македонски драмски автор и есеист по неговата смрт.

Годинава, во рамките на своите изданија, МСМЈЛК при УКИМ ќе објави преводи на дел од текстовите на Стефановски од книгата „Конзервирани импресии”, а ќе биде објавен и зборник со научноистражувачки трудови кои се однесуваат на неговото творештво и претставуваат негови нови исчитувања, кои произлегуваат од минатогодишната Меѓународна научна конференција.

Претходна вестКога МВР на заканувачите за поставени бомби ќе им одговори посоодветно?
Следна вестМу земал 1.200.000 денари уценувајќи го со снимки, сега е во притвор