Расказот „Хектор“ првонаграден на конкурсот „Тврдоглави“

На првото издание на анонимниот конкурс за краток расказ „Тврдоглави,“ наменет за млади писатели (на возраст од 16 до 26 години), пристигнаа 206 раскази, кои ги оценуваше стручно жири во состав: Оливера Ќорвезироска, Владимир Мартиновски и Николина Андова-Шопова.

Жирито констатира дека најголемиот дел од пристигнатите раскази ги задоволува предвидените пропозиции, а десетина текстови, кои по обем се значително подолги и инклинираат кон новели и куси романи, беа исклучени од процесот на селекција.

Избрани се три наградени раскази: првонаграден е расказот „Хектор“ (шифра 11597); на второ место е расказот „Тринастега“ (шифра Тринастега), а на трето место расказот „Кучешки празник“ (шифра Аглаонема). Жирито донесе одлука да издвои и три раскази што заслужуваат пофалба: „Архивски назив: Тремор“ (шифра Јупитер 8836), „Судиска грешка“ (шифра John Doe) и „Улицата на багремите, бр. 18“ (шифра: Табјера 18).

– Иако кај сите наведени раскази може да се забележат и одредени слабости, сите наградени и пофалени раскази се истакнуваат со одреден изграден, особен авторски стил. Секако, постои простор за подобрување и надградување за авторско растење кај авторите на овие раскази. Од она што овие текстови го нудат на стилски, идеен и естетски план, јасно е дека таквиот потенцијал е несомнено присутен. Станува збор за раскази што сведочат за нови авторски писма и оригинални пристапи во уметноста на кусото раскажување, велат од жири-комисијата.

Конкурсот „Тврдоглави“ е во чест на еден од доајените на современата македонска книжевност, Славко Јаневски (1920-2000). Има цел да ги поттикне и промовира младите писатели на македонската книжевна сцена.

Претходна вестТаеквондистите добија поддршка од Алкалоид
Следна вестДојави за бомби во 20 училишта во Скопје и во Прилеп