Концерт на Роџер Ино со оркестарот на Македонската Филхармонија

Овој четврток, со почеток во 20 часот ќе се одржи концертот насловен „Седеф“ на кој ќе биде изведена авторска музика од британскиот композитор и пијанист Роџер Ино. На концертот премиерно ќе биде прозвучи нова музика во аранжмани и оркестрација на Џијан Емин, кој ќе застане и зад пултот како диригент. Концертот има мултимедијален карактер и освен музика, ќе биде надополнет и со моќни визуелизации, поезија, филм…

-Со гордост го најавуваме гостувањето на Роџер Ино, еден од највлијателните автори на светската музичка сцена. Во последно време Филхармонија на публиката и презентира малку поинаква музика од класичната, сакаме одвреме навреме да истражуваме и во други звучни сфери и да се обратиме на поширок круг публика. Таков ќе биде и овој концерт на Роџер Ино, кој заедно со неговиот брат Брајан Ино се „татковци“ на т.н. амбиентална музика, вели Тина Иванова, директорка на Филхармонија.

Роџер Ино е британски пијанист и композитор чиј стил тешко може да се категоризира. Критичарите велат дека неговиот естетски код не може лесно да се стави во рамка и дека музиката му е лизгава како риба, кога станува збор за каква било детерминација. Ино креира вивидни и емотивни музички пејзажи. Вели дека го користи креативниот процес на декомпозиција во својата работа, дека го расчленува јадрото на музиката до нејзиниот последен атом, за да дојде до нејзината суштина. Соработувал со низа познати музичари како Лу Рид, со британскиот електробенд „The Orb“, со својот брат Брајан Ино… Автор е и на музиката за серијата наградена со „Еми“ – „State of the Union“, работена по сценарио на Ник Хорнби, во режија на Стивен Фрирс.

-Кога доаѓав во Македонија, стјуардесата во авионот ме праша што барам во Македонија, дали одам да убивам елени, и кажав дека одам во Скопје на концерт со Македонската филхармонија. Првпат работам со Џијан Емин, и задоволен сум од нашата соработка. Со своите аранжмани и оркестрација тој успеа мојата музика, која е пасторална и англиска да ја однесе на сосема друго место, вели Роџер Ино.

Претходна вестКина: Војната во Украина излегува од контрола
Следна вестМистериозна топка најдена на плажа