Пендаровски објасни за карикатурата и храброста да си поставиме прашања…

Вратите во Чифте амам при Националната галерија во Скопје, деновиве се отворени за сите љубители на уметноста. На изложбата на дела од 54-тата Светска галерија на карикатури на Остен и на Остен биенале на цртеж Скопје 2022, беше и претседателот на Македонија Стево Пендаровски.

-Благодарение на селекција на дела во рамки на 54. Светска галерија на карикатури имаме можност да се запознаеме со врвни светски карикатуристи и да добиеме увид во актуелните случувања во една од најкомплексните и според некои, најхрабрите жанрови во визуелните уметности, изјави Пендаровски во обраќањето.

Тој додаде дека со вештината за цртање и длабочината на пораката, низ само еден цртеж, изразуваат ставови и пораки кои се вистински „остен“ што боде онаму каде што најмногу боли, во општествените рани, ослободувајќи го човештвото од лагата и лицемерието.

– Колку карикатурата со својата хумористична димензија ни помага да ја разбереме и надминеме непријатната реалност што владее во светот? Која алатка ни останува да го подобриме светот и да се подобриме себе си? Несомнено тоа се прашања блиски на оние кои ги поставува и карикатурата. Одговорите се наоѓаат во нашата подготвеност и нашата храброст да си ги поставуваме тие прашања себе си на другите и на заедницата. Несомнено, како и многу други уметнички и културни случувања, имаме обврска да ја негуваме и поддржуваме Светската галерија на карикатури, додаде Пендаровски.

По ова убаво објаснување сепак остана недоречено, дали претседателот смета дека некогаш и самиот дава повод за добра карикатура и колку тој ги прифаќа многуте пораки од карикатури кои се појавуваат во Македонија за време на неговото владеење.

Инаку, на настанот беа доделени наградите за најуспешните автори, како и признанија на партнери и соработници на Остен, а денес во претседателскиот Кабинет ќе биде поставена изложба на најуспешните карикатури од досегашните 54 изданија на Светската галерија на карикатури.

Претходна вестРазрешени се министрите од Алтернатива, Сали со 65 гласа, Чупи и Реџепи со 64
Следна вестAвтобус излетал од патот Битола-Прилеп, повредени 11 лица