Три пати вратени на бис: „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите во Софија

Одличен настап на македонскиот музички виртуоз Симон Трпчевски во Софија. Имено, квинтетот „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите синоќа одржа концерт во салата „Бугарија“ во бугарската престолнина. Сето тоа беше придружувано од софиската филхармонија.

Квинтетот „Македонисимо“ настапи во оригиналниот состав: Симон Трпчески на пијано, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки, заедно со софиската филхармонија, под палката на диригентката Ана Спасовска, која го имаше своето деби со познатиот бугарски оркестар.

– Долготрајните аплаузи од софиската публика беа наградени со три изведби на бис, а посебно одушевување предизвика гостувањето на познатата бугарска певица Александра Борисова, која им се приклучи на музичарите на сцена, информира „КултурОп“.

Меѓу присутните на концертот биле и бугарскиот министер за култура диригентот Најден Тодоров, како и македонската амбасадорка во Бугарија, Агнеса Руси Поповска.

Следната квинтет-изведба на „Македонисимо“ е закажана за 9 јуни во Глазгов, Шкотска (како дел од резиденцијалниот циклус концерти на нашиот пијанист од светски глас со Кралскиот шкотски национален оркестар). Симон Трпчески до крајот на овој дел од сезоната го очекуваат и редовните концертни гостувања во САД, Велика Британија и Германија.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
Следна вестНема проблем дојди утре!