Темен режим Режим на светлина

Делата на Бетовен во Македонска Филхармонија

Оркестарот на македонската Филхармонија во својата матична куќа овој четврток со почеток во 20 часот ќе го одржи концертот насловен „Бедем“. Како солистка ќе настапи една од најперспективните виолинистки на светската музичка сцена – Леиа Зу од Кина.

Концертот ќе биде одржан под диригентската палка на Ребека Тонг – Индонезија/САД, а на програмата се Концертот за виолина и оркестар во Де-дур и Симфонијата бр. 7 во А-дур од Лудвиг ван Бетовен, како и премиерата на два става од композицијата „Robert’s suite“ на македонската авторка Бете Илин.

Имено, македонската композиторка Бете Илин до сега има изработено голем број вокални дела (соло песни и хорска музика) и инструментална музика (дела за соло инструменти, за разни камерни ансамбли и симфониски оркестар). Во 2018 година Илин за првпат се сретнува со творештвото на американскиот писател Роберт Грин. Импресионирана од неговите бестселери ја создава композицијата „Robert’s suite“ (2020), која има четири става.

Концертот за виолина и оркестар во Де-дур, оп. 61, од генијалниот Лудвиг ван Бетовен премиерно бил изведен во Виена, 1806 година. Ова е единствениот виолински концерт на овој композитор и едно од најлирските дела во неговиот опус. Напишан е во еден од најкреативните периоди, кога создал многу значајни дела. Му го нарачал виолинистот Франц Клемент, кој сакал драматично дело за неговиот следен концерт. Бетовен го завршил за кратко време, непосредно пред концертот.

Симфонијата бр. 7 во А-дур, оп. 92 од Л. В. Бетовен премиерно била изведена во Виена, на 8 декември 1813 година. Ова симфoниско дело на Бетовен, создадено во ист период како и Концертот за пијано и оркестар бр. 5, го рефлектира музичкиот оптимизам на композиторот, иако е создадено во период кога имал големи проблеми со слушањето.

Ребека Тонг е матичен диригент на Симфонискиот оркестар на Џакарта и уметнички директор на Ансамблот за современа музика во Џакарта. Во 2019 година ја добива наградата „Таки“, која ѝ овозможува блиска соработка со американската диригентка Марин Алсап. Соработувала со гудачкиот квартет „Great Wall“, Џеси Чанг, Џеф Тајер, Челси Пен. „Џакарта пост“ ја нарече „предводник на индонезиската класична музика“. Репертоарот на Тонг опфаќа симфониска, оперска и камерна музика. Посетувала мастеркласи кај ментори како Сер Марк Елдер, Марк Шанахан, Кларк Рандел, Марк Херон, Нил Варон… Магистрирала оркестарско диригирање кај проф. Марк Гибсон, на Музичкиот конзерваториум во Синсинати, САД.

Виолинистката Леиа Зу  дебитирала во Њукасл на четири години. Од тогаш таа настапува со значајни ансамбли и оркестри низ светот. На дванаесетгодишна возраст зад себе веќе имала настапи на најпрестижните сцени во повеќе од 18 земји. Тогаш станува и најмладата уметница што ја застапува британската агенција „Харисон Парот“. За време на пандемијата, во август 2021 година, Леиа e поканета да го изведе „Интродукција и Рондо Капричозо“ од Сен-Санс со Лондонскиот симфониски оркестар, под диригентската палка на маестро Сајмон Ратл. Како солистка настапувала со многу од најзначајните оркестри во светот: Лондонскиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Луцерн, Белгискиот национален оркестар, Рускиот национален оркестар, Московската филхармонија, Симфонискиот оркестар на Санкт Петербург, оркестарот на Марински и др. Настапувала на музички подиуми како „Моцартеум“ – Австрија, „Јехуди Мењухин“ – Белгија, Театарот на Филхармонијата во Одеса – Украина, конзерваториумот „Џузепе Верди“ – Италија и многу други.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Спасовски: Дојавите за бомби доаѓаат од „ИП“ адреси од Иран и Русија

Следна објава
ВМРО-ДПМНЕ започнува внатрепартиски промени во раководството

ВМРО-ДПМНЕ: Безбедноста не се гарантира со прескапи реклами, учениците 5 месеци се во страв