Еуроњуз Албанија: Спасе Терпо од Пустец со свои сили изгради музеј, го направи она што со години власта не успеа

Она што локалната власт со години не можеше да го направи, успеа да го направи сам еден човек. Вака „Еуроњуз Албанија“ ја започнува репортажата за Спасе Терпо од Пустец Албанија, кој во својата куќа го отвори единствениот етнографски музеј во Преспа,

Терпо кој е професор по историја вели дека му било предизвик  да им се покаже на туристите кои доаѓаат во посета на Пустец парче од македонската историја во Мала Преспа.

-Ова е единствениот етнографски музеј на нашите простори, создаден од мене и моето семејство. Идејата произлезе од тоа што ние сме старо семејство и имавме многу стари предмети од нашата област и носии, а имајќи многу туристи од различни земји, решив во дел од мојата куќа да го ставам целиот овој мебел, предмети и носии каде што се расплетува нашата култура и традицијата на нашите предци, вели Спасе.

Нагласува дека немал помош од државата и дека сето ова е негово дело и на неговото семејство.

-На почетокот го создадовме јас и моето семејство, без ничија помош, дури ни од државата или некоја друга организација, а сите овие работи, некои ги имав, а другите ги купив од мои роднини, продолжува тој.

Според професорот по историја, државата не прави доволно за промоција на културата и историјата на овие простори.

-За да се врати вниманието на традициите, требаше претходно да преземеме чекори, бидејќи повеќето предмети денес, дури и на нашите простори се фрлени и искршени и е многу тешко да се соберат. Мислам дека во иднина нешто ќе се направи од причина што тоа е традицијата и културата што покажува кои сме биле и кои сме, нагласува тој.

Репортажата телевизијата ја завршува со констатацијата дека „ова е пример за професионален човек кој решил тивко, но со големи дела да придонесува за својата област“.

Претходна вестПендаровски на средба со вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј: Легитимен Томос за автокефалност е оној кој го издава Вселенската Патријаршија
Следна вестМатурантите најавуваат: Ако нема намалување на државната матура ќе има протести