Минималната плата стаса до 20.175 денари, Синдикатите бараат зголемување и на другите плати

Минималната плата што досега изнесуваше 18.000 денари од следниот месец ќе биде повисока за 2.175 денари и годинава бележи пораст од 12,55 проценти, соопшти денеска премиерот Димитар Ковачевски по седницата на Економско-социјалниот совет. Тој додаде дека согласно со Законот за административни службеници ќе се изврши усогласување и на платите на 27.000 службеници.

– Како што ветивме, од април минималната плата ќе биде повисока за 2.175 денари и ќе изнесува 20.175 денари. Тоа значи дека над 12 проценти имаме зголемување на основната, минимална плата. Согласно Законот за административни службеници, ќе се усогласат останатите плати за 27.000 службеници, рече Ковачевски.

Зголемувањето на минималната плата е направено согласно новата методологија за усогласување донесена во 2022 година по преговорите меѓу Владата, синдикатите и работодавачите. Согласно новата методологија, минималната плата се усогласува со 50 отсто од трошоците за живот и 50 отсто со растот на просечната плата.

Од Сојузот на синдикати на Македонија ги повикаа работодавачите да ги усогласат останатите плати со висината на минималната плата за да не дојде до урамниловка.

– Сакаме да ги повикаме работодавачите и во приватниот и во јавниот сектор да најдат сили и начин да ги усогласат платите и на останатите вработени за да не дојде до урамниловка каде нема да имаме силно мотивирани работници туку ќе имаме работници кои ќе се споредуваат едни со други за тоа колку плата земаат, изјави Златко Цветковски од ССМ.

Од Организацијата на работодавачите на Македонија изјавија дека поддржуваат системски решенија и дека секогаш се за тоа да се мотивираат и наградуваат добрите работници.

– Ги поддржуваме добрите, продуктивните работници и се стремиме нашите вработени да имаат добра куповна моќ. Ова законско решение е веќе стокмено и немаме потреба да разговараме понатаму за негови измени, меѓутоа мора да разговараме во една друга насока, а тоа е да имаме попродуктивни работници, да имаме млади луѓе кои ќе бидат задоволни и млади луѓе копи ќе сакаат да работат во приватниот сектор, рече Владанка Трајковска, претседателка на ОРМ.

Претходна вестЕлмас го соблече дуксерот додека чекаше на семафор за да го подари на фан
Следна вестИсчезна 35-годишен скопјанец