Димитриевски: Куманово собра 400 милиони денари приходи, Арачиново нула и доби 600 илјади евра од државата

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски во емисијата Вин Вин на телевизија Телма, го коментираше односот на централната власт кон локалната. Според него државата ги помага само за неа подобните општини. Како пример направи споредба помеѓу општините Куманово и Арачиново.

– Општината Куманово во 2017 година собра 288 милиони денари сопствени приходи, минатата година собра скоро 400 милиони, а општина Арачиново собра 0 денари и доби награда од Владата посочи Димитриевски, потенцирајќи дека Арачиново еднаш добила 600 илјади евра, а вториот пат уште еден грант средства директно од Владата во буџетот

– Централната власт е таа којашто свесно некои општини ги става во ситуација на стагнација, од аспект на подобност. Тоа мора да се анулира, без разлика кој ќе ја владее државата. Мора да се даде еднаква можност на сите, но не да заборавиме дека треба да има посебен осврт на регионалниот развој, ако доаѓам од североисточниот плански регион не можеме да не го развиеме најнеразвиениот регион со три милиони евра годишно. Државата треба да издвои посериозна сума на пари за да реализираме регионални проекти, да го поврземе Куманово со Кратово, со Крива Паланка, со Старо Нагоричане, со поквалитетна регионална патна инфраструктура, изјави Димитриевски.

Според него сто илјади дневно му се потребни на Куманово за да функционираат непречено образованието, социјалната заштита, детските градинки, старечките домови, сите пренесени надлежности.

 

 

Претходна вестКазнети 248 возачи, 58 од нив возеле пребрзо
Следна вестУапсен криумчар на мигранти од Пакистан, Сирија и Египет