Џафери: Постевме заедно и заедно споделувавме трпези

Дозволете од име на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија и од мое лично име да Ви го честитам големиот христијански празник – Велигден, се вели меѓудругото во честитката на претседателот на Собранието, Талат Џафери.

„Празниците оваа година се поклопуваа или се менуваа едни со други наизменично и тоа побуди во секој од нас некое свечено чувство кое што охрабрува и влева надеж во подобро утре.

Постевме заедно, иако на друг начин и со различно времетраење, споделувавме ифтарски трпези заедно, со негување на обичаите и традицијата, како што било и убеден сум ќе биде и во иднина.

Само така потврдуваме на дело дека заедно можеме и да гладуваме, и да јадеме, и да се насмееме и да си ги споделиме тешкотиите низ кои што поминува човештвото. Само така сплотени можеме да носиме одлуки кои ќе значат напредок и развој на Република Северна Македонија, нејзина економска и енергетска безбедност и безбедност на нашите граници и граѓани.

Сега, повеќе од кога било се потребни зборови на надеж, верба, меѓусебна почит и разбирање, солидарност, хуманост, пожртвуваност и сплотеност. Сега повеќе од кога било светот има потреба од тоа да бидеме подобри луѓе за себе, за сограѓаните и за нашата земја. Ви посакувам добро здравје и благосостојба, Вам, на Вашите блиски и на сите православни верници во Република Северна Македонија. Честит Велигден!“ се вели во честитката на Џафери.

Претходна вестПриведен 22-годишен скопјанец
Следна вестДвајца турски државјани фатени на Деве Баир со лажни зелени картони