Кујните во неколку основни училишта на подрачјето на скопската општина Карпош повторно ќе бидат отворени откако во нив не се најдени извори на салмонела со која се заразија 12 ученици. Ова денеска го соопшти Државниот здравствен и санитарен инспекторат по извшените анализи на земените узорци при неодамнешниот вонреден надзор.
Директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Рената Младеновска денеска информиораше дека во текот на вчерашниот ден биле добиени резултатите од Институтот за јавно здравје Скопје и од Центарот за јавно здравје Скопје. Мострите на храна и брисевите од работни површини биле земени двојно и однесени во лабораториите на двете здравствени установи.
Прашана каде сега треба да се бара изворот на салмонела, Младеновска рече дека известување треба да даде и Агенцијата за храна и ветеринарство.
– Сметам дека Агенцијата за храна и ветеринарство исто така има голема улога во оваа состојба што се случи, за жал, заразна болест салмонела и тоа кај најранливата категорија на деца. Сметам дека тие во своите надлежности што ги имаат, ќе треба да дадат свое известување, за соодветно да се информира јавноста, рече Младеновска.