Пред неполн час заврши годишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски пред македонскиот парламент. Тој зборуваше на повеќе теми, а на крајот се осврна и на својот мандат кој наскоро му истекува.
– Во мојот прв говор во ова Собрание, по полагањето на заклетвата, реков дека основниот критериум според кој, јас самиот, ќе го ценам сопствениот ангажман како претседател, но, далеку поважно, според кој очекувам да ме вреднуваат граѓаните е: дали ќе бидам претседател на сите граѓани или само на оние кои ме поддржаа, истакна Пендаровски.
Тој појасни дека во демократијата не постои политичар за кого нема и добри и лоши критики.
-И јас во мојот мандат сум бил и поддржуван и критикуван за одредени одлуки кои сум ги носел. Некогаш за моите јавно искажани ставови сум бил критикуван и од дел од оние кои ме поддржаа при изборот, на пример, за аферата „Рекет“, при ставањето вето на Законот за илегални градби или при покачувањето на функционерските плати. Но, секогаш во прв план ми биле интересите на граѓаните и на државата, пред нив секогаш сум бил транспарентен и од одговорност никогаш не сум избегал.
Дали при носењето на некои одлуки сум можел да постапам поинаку – сигурно! Дали сум бил безгрешен – апсолутно не. Меѓутоа, никогаш не сум имал лоша намера кон никого, никогаш во мојот мандат не сум учествувал во валкани кампањи против политичките опоненти, иако од нив не бев поштеден, ниту јас, ниту моето семејство, никогаш не договарав тендери и провизии, не вработував роднини и пријатели и никогаш за себе или за најблиските немам побарано посебен третман. Како за сите, така и за мене.
Се трудев да не бидам затворен во канцеларија, да бидам достапен за секој граѓанин, да ги чујам нивните маки и секаде каде што сум можел да помогнам – сум помагал, некој пат и неформално, убедувајќи се со оние кои биле формално надлежни да им помогнат на луѓето. Сметав дека е моја морална обврска да ги застапувам ставовите на маргинализираните, оштетените од неправдите или невидливите, заборавените од системот чиј глас не допира до институциите.
И од тој аспект, мојата совест е мирна, потенцира Претседателот со што и го заврши говорот, по што упати на сите македонски граѓани честитки за претстојните празници.