Денеска отворен ден во ЈП „Лајка“, повик до граѓаните да вдомат куче

ЈП „Лајка“ денеска организира отворен ден и ги повикува граѓаните да вдомат куче од 105-те кои привремено ги има во стационарот.

-ЈП „Лајка“ во моментов е времен дом на 105 кучиња, сите посебни по својот карактер, изглед и карактеристики. Но едно нешто важи подеднакво за сите – на секое бескрајно му треба љубов, семејство, дом, соопшти претпријатието.

Од „Лајка“ сметаат дека многумина не се доволно информирани за судбините на бездомните животни и причините зошто се тие на улица и наведуваат дека причинители за нивната прекубројност се неодговорното сопствеништво, неконтролираното размножување и напуштањето.

-Животните на улица се осудени на тежок живот, секојдневие исполнето со страв, трауми, глад, предвремена, најчесто насилна смрт. Но, хуманоста е „заразна“, а една позитивна приказна влијае и менува многу. Со вашата одлука вие спасувате еден живот, а притоа давате позитивен пример на сите останати, велат од ЈП „Лајка“.

За да вдомат куче, граѓаните може да го посетат стационарот или да ги контактираат вработените во ЈП „Лајка“ на е-адресата [email protected]. На нивната фејсбук-страница може да ги разгледаат кучињата што се објавени за вдомување.

Претходна вестДа се укине амнестијата за хашките случаи во Македонија, препорачува комесарката за човекови права на Советот на Европа
Следна вестПриватен авион се судри со автомобил на автопат во Флорида