Скопје синоќа виде и слушна оркестар кој посветено ги чува и шири македонските народни песни и ора. Имено, во малата сала на Филхармонија се одржа концерт на оркестарот на „Танец“. Насловот на одличниот концерт беше: „Од архивите на МТВ“.
Оркестарот на „Танец“, раководен од маестро Дарко Илиевски, на прекрасен начин возобнови дел од богатата архива на Македонската радио-телевизија. На задоволство, а на моменти и на воодушевување на публиката која ја исполни целата сала беа отсвирени партитури што се неотуѓив дел од македонското музичко наследство, композиции од врвните мајстори што создавале за Народниот оркестар за време на неговото постоење.
Се свиреа „Соборско оро“, „Десково оро“, „Бојанино оро“, “Пајдушка игра“, Битолско оро“… се слушаше познатиот македонски ритам и мелос. Оркестарот беше одлично подготвен и моќно покажа како се чува богатото македонското музичко наследство.
Публиката сето тоа го наградуваше со долготрајни аплаузи.
Инаку, за потсетување: Македонската радио-телевизија е најстариот електронски медиум во Македонија. Ја има единствената аудиовизуелна архива во Македонија со таков обем, форма и содржина, и таа претставува непроценлив извор на снимки, партитури и факти за развојот на македонската музичка култура, но и на македонската културна историја во целост. Архивата и фонотеката на МРТ се најстари во државата и претставуваат вистинско национално богатство. Голем дел од драгоцените архивски материјали се произведени од ансамблите што долги години дејствуваа во рамките на телевизијата, а тоа се: Големиот народен оркестар, Оркестарот на народни инструменти, Чалгискиот оркестар, Камерниот оркестар, Радиохорот, Детскиот хор и Биг-бендот.