Чудна изборна кампања: Само уште смената на Уставот остана за решавање?

Изборната кампања веќе e во засилена фаза. Што ја одбележува? Подметнувања, црна кампања…, а кога се отвораат теми главна е: Уставот и уставни промени.

Нема во Македонија други теми кои ги притискаат граѓаните? Само уште смена на Уставот остана за решавање?

Нема митинг, средба со граѓани, интервју, а таа тема да не биде потенцирана и образложувана. Од петни жили се запнува тоа да биде најважното прашање.

Се уште актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски и синоќа порача дека членството во Европската унија е единствената алтернатива за напредок на државата.

-Опозициска партија, од за мене непознати мотиви реши да го блокира нашпиот европски пат. Не се согласија за најбаналната работа која можеше да се случи – покрај седум народи и делови од народи кои ги имаме во нашиот Устав, да додадеме уште шест други вклучувајќи ја и малата бугарска заедница, рече Пендаровски на митингот во скопската општина Аеродром.

Гордана Силјановска – Давкова, кандидатката на коалицијата предоводена од ВМРО-ДПМНЕ, на митингот во Кочани порача дека „Уставот е зрел за промени“.

-Знам дека Уставот е зрел за промени и мислам дека е крајно време една одговорна власт да направи широко експертско тело што ќе ги утврди проблемите во него. Има работи што треба да се сменат за да имаме стабилна и функционална држава, силни институции и слаби поединци, зошто инаку загрозена е демократијата, истакна таа.

Бујар Османи од ДУИ денеска планира во Старата скопска чаршија да одржи отворена дискусија на тема „Граѓански устав вс. Охридски устав“.

-Уставни измени мора да има оваа година за да можеме да ги отвориме поглавјата и до 2030 година да станеме членка на ЕУ, рече Османи на неодамна.

Претседателскиот кандидат на здружената албанска опозиција Арбен Таравари, пак, деновиве изјави дека европската интеграција е приоритет за државата, а за уставните измени смета дека шест месеци е добар период за да поминат овие измени.

Билјана Ванковска, кандидатка на „Левица“ неодамна изјави дека во Македонија треба да се донес еден поинаков, граѓански, либерален Устав.

-Ние сме шампиони по менување на уставот. Зошто да не почнеме да разговараме, вие ја спомнавте и преамбулата, но и суштинскиот дел. Преку уставни реформи може да се модифицира политичкиот систем. Тоа би бил еден граѓански устав, вели Ванковска во настапот на телевизија Телма.

Максим Димитриевски од ЗНАМ, пак, најави дека во првите 200 дена би прелдожил уставни промени со одложена правна важност, кои ќе стапат на сила во истиот момент кога Република Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ.

За разлика од нив, кандидатот на ГРОМ Стевчо Јакимовски е против и ги критикуваше идеите за промена на Уставот истакнувајќи дека нема да преговара за македонскиот идентитет и јазик…

Слично постапуваат и партиите – особено оние од власта – кои вече подолго се во предизборие. И тие верглаат за Уставот.

Очигледно, темата за уставните промени стана доминантна во кампањата. До таму што веќе ги засенува другите теми кои се важни за граѓаните во текот на изборната кампања. Ситуацијата на свој начин потсетува на она што се случуваше во изминатата година кога целата активност на Владата и на парламентот се сведуваше околу убедувањето на опозицијата да прифати уставни промени. Со тоа, важните теми какви што се економијата, инфлацијата, опаѓањето на животниот стандард, образованието, здравството,платите, развојот на државата…  како да останаа под тепих. 

А под тепихот се скриени проблемите кои граѓаните чекаат да бидат решени.

 

Претходна вестМилошоски: Османи криел документ дека 25 членки на ЕУ дозволиле влез со стар македонски пасош
Следна вестГрад Скопје: Две години зборуваме дека проектот за Универзална сала е погрешен и небезбеден