Иницирана постапка за одземање лиценца за приредување игри на среќа на две друштва

Министерството за финансии иницираше постапка до Владата за одземање лиценца за приредување игри на среќа на две друштва заради неисполнување на условите од издадената лиценца за приредување игри на среќа. Како што информира министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, кај двете друштва е констатирано дека не се платени давачки утврдени со Законот за игри на среќа и за забавните игри и Законот за данок на личен доход.

-Министерството за финансии ја иницираше постапката откако од УЈП како надзорен орган на приредувањето на игри на среќа го доби записникот од извршената надворешна контрола над работењето на овие друштва, рече Димитриеска Кочоска на денешната прес – конференција.

Во одговор на новинарско прашање таа рече дека не може да се направи точна проценка за штетата врз Буџетот, но додаде дека станува збор за голем износ. Дополнително ќе треба да се утврди дали двете друштва се поврзани со поранешни функционери. Едното, како што кажа, не е од Скопје.

-Едното од друштвата е основано во 2022 година и од 2022 година до денес нема ниту еден денар платено каква било давачка кон буџетот и сето тоа е констатирано во записник од страна на УЈП. Дали има одредени оштетувања кон буџетот – има, затоа што има пред се давачки коишто согласно законот требало да ги плаќа, посочи Димитриеска Кочоска.

Нагласи дека првичното барање од Министерството за финансии за добивање на записникот до УЈП е доставено уште во јули 2023 година по што се направени неколку ургенции, а конечно е постапено од страна на Управата дури во јуни 2024 година, откако доаѓа новото раководство.

-Согласно доставената документација од УЈП за извршената надворешна контрола е констатирано дека кај едно од друштвата за кое е иницирана постапка за одземање на лиценцата не се платени давачките во континуитет од јули 2022 година, посочи Димитриеска Кочоска.

Претходна вестСиндикат на УПОЗ: Некој повторно сака да ги ограничи преговорите и потпишувањето на Колективни договори
Следна вестИлјадници бездомници, наркомани и проститутки „иселени“ од Париз пред Игрите