Министерството за внатрешни работи почнува со спроведување посебна оперативна акција која ќе биде фокусирана на безбедноста на Скопје, изјави вчера министерот Панче Тошковски.
Во интервјуто за телевизија Сител тој објасни дека оперативната акција предвидува зголемено присуство на полициски службеници на терен.
-Отвораме посебна оперативна акција којашто ќе треба да биде фокусирана исклучиво на безбедноста на градот Скопје и на скопјани, оперативна акција која ќе обезбеди зголемено присуство на полициски службеници на терен. Граѓаните нека знаат дека тоа е затоа што сакаме да ја доведеме безбедносната состојба таква каква што треба да биде, рече Тошковски.
Војната, според него, е објавена на „багабонтите и криминалците“ на кои, како што кажа, од страна на претходната власт им било дозволено „толку многу да хараат, како во Скопје, така и на целата територија на Македонија“.
-Е сега нема да го прават. Сега нема како „Шиша бар“, оној што ќе го стори убиството до ден-денеска да не е откриен и да не биде спроведено соодветно дејствие за него. Сега оној што ќе стори убиство ќе биде фатен и ќе биде однесен таму каде што му е местото и факт е дека тоа се случи во оваа акција којашто ја спроведовме во врска со убиството што се случи кај „Мавровка“. Факт е дека човекот е уапсен и факт е дека се наоѓа зад решетки и ќе остане таму долго време, рече Тошковски.
Одговарајќи на прашање, во врска со тоа што и првоосомничениот за убиството кај „Мавровка“ и лицето за кое постојат сомненија дека му помагало биле избегани од затвор, Тошковски рече дека во текот мината и оваа година само од затворите „Идризово“ и Шутка во Скопје избегале околу 200 затвореници. За ова тој ги обвини поранешните први луѓе на Бирото за јавна безбедност и на двете казнено-поправни установи поставени на овие функции од, како што рече, власта на СДСМ и ДУИ.