Криминалот е сеприсутен во Македонија. Државата со години страда од луѓе кои не фермаат закони, правила, норми…
Е, на ваквите „типови“ првиот човек во МВР им објави војна. Војна со криминалците, а посебно на оние во Скопје, деновиве им објави актуелниот министер за внатрешни работи Панче Тошковски. Рече дека ќе се започне со посебна оперативна акција против „багабонтите и криминалците“, фокусирана на безбедноста на градот Скопје, дека ќе има зголемено присуство на полициските службеници на терен, се со цел граѓаните да се чувствуваат безбедно.
Добро е што ќе почне полицијата поревносно да си ја врши работата. Брутални убиства се случуваат и сред бел ден, кражби има се повеќе, се ограбуваат дуќани, станови, граѓани на сред улица, насилства – тепачки, изнуди…
За жал, во Скопје не е нарушена и загрозена само општата безбедност. Ништо подобра не е ниту безбедноста на градските сообраќајници, во градскиот сообраќај. Врие од здивени возачи низ Скопје.
Пребрзо возење, непочитување на семафори и други знаци, нерегистрирани и неисправни возила, пијани возачи… сето тоа доведува до многу сообраќајки, многу повредени, а и бајаги со трагичен крај.
Досегашните полициски акции и контроли не вродија со задоволителен резултат.
Значи, Тошковски и на здивените возачи треба да им објави војна. Ќе го направи тоа?