Темно Режим Светло Режим

Гинеколозите предупредуваат: Ако нема реакција, можен е протест

Матичните гинеколози упатија јавна реакција до Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, барајќи итни промени и јасно дефинирање на услугите во примарната гинеколошка здравствена заштита.

Од пред Министерството за здравство денеска порачаа дека е неопходна ревизија на договорите со Фондот, со цел прецизно да се утврди кои услуги се бесплатни за пациентките, а за кои може да се наплатува.

Реакцијата доаѓа по контролите спроведени од Фондот, при што било утврдено дека дел од матичните гинеколози наплатувале услуги кои се покриени од државата. Гинеколозите, пак, тврдат дека не станува збор за злоупотреби, туку за недоречен и нејасен систем кој создава конфузија и за лекарите и за пациентките.

Од Министерството за здравство соопштија дека ќе ги разгледаат доставените барања и ќе постапат согласно надлежностите.

„Потенцираме дека упатствата за медицина базирана на докази континуирано се ревидираат и обновуваат, следејќи ги современите текови во медицината. Во конкретниот случај, стручните служби ќе ги разгледаат сите аспекти, согласно барањето на Здружението на матични гинеколози и акушери на Македонија“, соопштија од Министерството.

Матичните гинеколози нагласија дека очекуваат институционален дијалог и брза реакција од надлежните, но предупредија дека доколку не дојде до конкретни решенија, не ја исклучуваат можноста за организирање протест.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Апелациониот суд пресече: Поништена пресудата за навреда и клевета против Митева

Следниот Пост

Коњановски најави: 1 милион денари за олимписките подготовки на Рустемовски