Возач загина, а уште три лица се тешко повредени во сообраќајна несреќа што се случила синоќа на магистралниот пат Куманово – Крива Паланка, во близина на местото викано Смилчинци, во општина Старо Нагоричане, информира Министерството за внатрешни работи.
Несреќата била пријавена во СВР Куманово околу 19:05 часот. Според првичните информации, патничко возило „Фолксваген голф“ со кривопаланечки регистарски таблички, управувано од 25-годишниот С.Т. од селото Нерав, најпрво удрило во куче скитник, по што возачот изгубил контрола и преминал на спротивната сообраќајна лента.
Во спротивната лента „голфот“ директно се судрил со автомобил „БМВ“ со кривопаланечки регистарски ознаки, управуван од 27-годишниот Ф.Ј. од селото Длабочица.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле двајцата возачи, како и сопатничките од возилото „БМВ“, 20-годишната А.С. и 53-годишната С.Ј., двете од Крива Паланка. Повредените биле пренесени во Општата болница во Куманово, каде лекарите констатирале смрт кај возачот на „голфот“ како последица на тешките повреди.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција.