Уште една нереализирана најава за најава од првиот човек на Скопје. После најавите за „Лајка“, „Луна парк“… уште една се нанижа во низата. Имено ветувањето дека од „Водњанска“ до Чаир ќе се стигнува за 5 минути, очигледно не е стигнато ниту до дизајн на проектот, а да не зборуваме за старт на истиот. Петре Шилегов го презентираше проектот во 2018 година.
Станува збор за изградба на тунели кај Скопско кале и мост зад владината зграда кој ќе го поврзува централниот дел на градот со Чаир. Шилегов на 5 март најави дека дизајнирањето на проектот ќе биде завршено до јуни, но рокот истече. Вчера пак изјави дека проектот ќе биде готов до октомври годинава.
Конечната најава за пуштање на проектот е 2022 година, а градот ќе бара пари од Владата, оти ќе бидат потребни околу 30 милиони евра. Според она што беше презентирано, сообраќајницата ќе почнува од булеварот „Свети Климент Охридски“ и ќе биде издигната на височина од шест до девет метри. Потоа, од зградата на Владата сообраќајот ќе се одвива по нов мост преку реката Вардар долг 173 метри, широк 20 метри, а ќе има четири ленти. Мостот ќе продолжува како вијадукт долг 262 метри сè до влезот во тунелот под Калето. Од тунелот сообраќајот ќе продолжи на кружен тек издигнат пет метри, над Пластичарска улица.
После најавите за најави, останува надежта скопјани да чекаат и видат дали ќе се оствари проектот или ќе остане само уште едно ветување во морето неисполнети од секој градоначалник. Да се надеваме дека градоначалникот Шилегов викендов во Маврово веќе ја склопил целата приказна и ќе почне реализацијата.
Може ќе се напушти стилот на македонските градоначалници без разлика дали од оваа или минатата власт кој е уникатен: ветувања и најави, како ветер во магла.