Со гребење асфалт Шилегов нема да го реши затнатиот сообраќај во центарот на Скопје

Скопје малку се раздвижи по долгпериод на карантини и полициски часови. И што стана веднаш главната слика на централните улици?

Колони возила, пак чекање во редици на семафор, пак големи количества издувни гасови, пак загубено време и нервози поради тесните сообраќајници…
Посебно е мачно да поминеш на главните и најголемите крстосници: кај Црвен крст, кај парламентот, кај трговските центри „Палома бјанка” и посебно кај „Мавровка”, кај Соборниот храм, на крстосницата кон Водно…

Се се тоа тесни грла кои мораше до сега да се решаваат.
Знаејќи ги овие маки на скопјани, градоначалник Петре Шилегов уште во кампањата пред да стане градски татко ветуваше дека решавање на сообраќајниот метеж
ќе му биде приоритет. Беа наведени и неколку конкретни проекти. Но, еве веќе по три поминати години тоа не се случи. Малку нешта се направени во центарот на Скопје кога е во прашање средувањето на сообраќајот. Единствено нешто што се направи беше гребањето и менувањето на горниот слој на асфалтот на делови од булеварите „Кочо Рацин” и „Крсте Мисирков” и нивното бележење со бела боја. Другите сообраќајници не се нешто поправани ниту, пак, тоа се најавува во брз период. А по требни се проширувања на сообраќајници, правење на нови надвозници, подвозници, нови регулации…
Да, факт е дека се правеа два булевара во вие две години, ама на сосема други делови од Скопје. Зарем со тоа се ќе се заврши? Хаосот во сообраќајот е пред се во центарот на градот.

ЗА ТУНЕЛОТ ПОД КАЛЕ ИМА НАЈАВИ, НЕМА ПОЧЕТОК НА ГРАДБА
– Градоначалникот не исполни ништо од она што го ветуваше. Не верувам дека ќе стаса до крајот на мандатот оти и кога нешто прави многу бавно го прави. Кога нешто се почнува треба брзо да се заврши. Ние во Ѓорче Петров цела година чекавме да се заврши улицата „Борис Сарафов”, а јас кршев кола по неа… Затоа не верувам дека сега ќе се реши сообраќајниот проблем во центарот на градот, ни рече граѓанинот Габриел Мишевски.
Реакцијата на овој граѓанин најмногу се однесува на оние најголеми проекти кои беа ветени, а кои се уште се чекаат. Се уште нема најава дека ќе почне да се гради тунелот под тврдината Кале кој треба да ги спои булеварите „Свети Климент Охридски“ и „Пластичарската”. Со тоа од центар до Бит-пазар ќе се ста сува за неколку минути, побрзо и со  помало загадување од илјадниците коли. Лани беше потпишан договор за почеток на правење на главниот проект, беше најавено дека ќе биде готов до крајот на минатата година а сега веќе да е избран изведувачот. Но, од тоа се уште нема ништо. Не се најавува ниту реконструкција на најоптоварената крстосница кај ТЦ „Мавровка” преку која дневно поминуваат меѓу 80.000 и 100.000 возила. Ветувањето беше дека таа ќе биде „спуштена” за да има побрз проток, но таму и натаму е иста состојбата како и до сега – илјадници коли кои чекаат долго на семафорите и загадуваат.
– Ова крстосница за која, колку што сум запознаен,треба да биде кружен тек на повеќе ни воа, треба итно да се направи. Овој булеварот „Гоце Делчев” треба да продолжи кон Аеродром и тука ќе има уште поголем притисок на автомобилите и гужва. Се направи грешка што при сегашната реконструкција на „Пластичарска” уште сега не се направи кружен тек кога веќе се планира таа да се спои со булеварот од тунелот под Кале. Кај нас е проблем што во сообраќајот не работиме системски, смета Неџат Лужа.

УШТЕ СЕ ПРАВАТ СТУДИИ ЗА „ДАМЕ ГРУЕВ“ ПОКРАЈ ГРАДСКИ ЅИД
За годинава беше најавено дека ќе се направи и пешачката зона во центарот – од крстосницата кај парламентот па до трговскиот центар „Палома бјанка”. Низ центарот евентуално би поминувале само возилата на јавниот градски превоз, а главниот сообраќај би се вршел преку проширената улица „Даме Груев” покрај Градскиот ѕид. Но и тој проект уште е во фаза на идејна изработка. Градските власти соопштија дека моментно се работи на две одделни сообраќајни студии за ова подрачје и дека се уште не е определено конечното решение.
– Проектите кои беа ветени мошне му се потребни на централното
градско подрачје. Потребни се и велосипедските и слободни пешачки патеки. Но, многу малку се прави по ова прашање, а јас сметам дека до крајот на мандатот нема да се реализираат ветените проекти за централни сообраќајници, вели скопјанецот Звонко Димовски.
Не се спомнуваат ниту можните решенија со кружните текови на крстосниците кај Тутунски комбинат и кај ресторанот „Кај Злате” кои сега не можат да го овозможат брз проток на сообраќајот. На ред за изградба чека и пробивање на улицата „Есенинова” во Кисела Вода која треба да ги поврзе булеварите „Борис Трајковски” и “Трета македонска бригада” и да ги забрза врските меѓу Аеродром и Кисела Вода.
Практично, сите поважни проекти и проблемите на граѓаните во централното градско подрачје се уште чекаат на решавање. За илјадници возачи кои секојдневно поминуваат тука мала утеха е што се направија булеварите „Карпош“ во Бутел и втората лената на „АСНОМ” во Аеродром.

Алтернатива за булевар покрај Градски ѕид
Граѓанинот Неџат Лужа смета дека подобра варијанта од булеварот покрај Градски ѕид е воведување на еднонасочниот сообраќај.
– Мислам дека добро решение би било да се воведе еднонасочен сообраќај по централната улица „11 Октомври” се до Католичката црква, а во обратна насока од оваа црква преку сообраќајница покрај „Рамстор” кон булеварот „Кочо Рацин”. И улицата „Цветан Димов” треба да стане булевар, како и улицата „Македонско-косовска бригада”. Булеварот „Словенија” треба да се пробие до Ѓорче Петров, а новиот што се гради „БиХ” да се спои со клучката „Дијамант”, „Илинденска” да се пробие до Обиколницата…, предлага овој граѓанин.

Претходна вестЖално е што телевизиите се полни со политика, уште повеќе што луѓето ги гледаат
Следна вестЧаир „корона лидер“, Гази Баба му се приближува