Вториот бран од пандемијата никако да спласне. Напротив, расте. Вчерашните податоци за 11 починати пациенти од вирусот и новозаразените 185 лица опоменуваат, алармираат…
Но, се добива впечаток дека како кај надлежните, но и кај граѓаните да нема некоја растрчаност, делување, претпазловост.
Ејј, бројот на дијагностицирани во Македонија достигна 5005 лица, а ни беше прогнозирано од здравствените власти дека ќе биде околу 2000. Вкупниот број на починати во земјава достигна 233 лица.
Не загрижува толкавата голема бројка? Не принудува никого од најодговорните да преземаат конкретни мерки? Или можеби под конкретно мерки треба да ги разбираме препукувањата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кој е виновен за корона кризата?
Еве како тоа изгледаше вчера:
– ВМРО-ДПМНЕ е одговорна партија и ги почитуваме протоколите. Од друга страна, СДСМ и власта на Заев се тие кои не направија ништо епидемијата со корона вирусот да се запре. Тие се власт и освен броење црни биланси и статистика, ништо конкретно не презедоа во насока на заштита на здравјето и животот на граѓаните, соопшти опозициската партија.
– Организира партиски собири спротивно на сите протоколи за заштита на здравјето и со тоа директно придонесува за ширење на коронавирусот. Не само што не помогнаа во овој исклучително тежок период, туку со своите постапки и однесување директно го загрозија здравјето на десетици граѓани, одговори СДСМ.
И така. Вирусот се шири, а тоа е само предизборна тема за препукување на најголемите партии. Тоа е неприфатливо, особено за владеачката СДСМ која презела обврска да ја води државата. Таа мора повеќе да делува и да дава позитивен пример. Впрочем треба да делуваат и поради самите себе, оти имаат многу свои членови кои се заразени. Вчера и скопскиот градоначалник Петре Шилегов потврди дека е позитивен на вирусот.
Додека ги чекаме да се соземат и излезат од политиканството и да се посветат на работа, нам граѓаните ни преостанува да делуваме самите -придржувајќи се до мерките.