Со Никола Пановски, микробилог, зборувамe за актуелната состојба со справувањето со корона вирусот во Македонија и што во иднина би требало да се презема…
Какви се Вашите проценки за состојбите со корона-вирусот во Македонија во наредниов период? Дали тој засилува, дали силината ќе му опаѓа?
-Се уште е во фазата на ширење. Уште десетина дена ќе има поголем број на новодијагностицирани и болни во однос на негативизирани и оздравени. По десет дена очекувам тој број да се изедначи, односно да нема зголемување на бројот на активни случаи. На пример 100 оздравени, 100 новооткриени. Можам само да тврдам дека нема да расте бројот на активни случаи, по следните десет дена, кога веројатно ќе достигне бројка од 3000-3300, и таков ќе опстојува најмалку десет денови, а можеби и до крајот на летото. Едноставно, да се подготвиме дека ова ќе трае со месеци, трпението и брзата адаптација на состојбава се единственото што ни останува. Вирусот не ослабува во лето, барем не колку што се очекуваше, така што сите оптимистички прогнози паднаа во вода.
Секако дека може да го има и во година ова време, но ако вака продолжиме уште една година, со по 100-200 нови случаи дневно, во Македонија вакцината ќе пристигне доцна. Со ова темпо, за година-две, ќе се инфицира половина од населението. Сигурен сум дека идната пролет, ќе биде подобра состојбата од оваа пролет. За есента и зимата кои престојат, само се надевам, но не сум сигурен.
Во која фаза од епидемијата сме – прв, втор пик… Дали ова што се прави како стратегија во овој период е добро и доволно? Дали е ова некакво одење кон колективен имунитет?
-Сега сме во критична фаза во која здравствениот систем треба да издржи нови хоспитализации, а неосвестените конечно да се освестат. Ако тоа се случи ќе ја дочекаме есента со 20-50 нови на ден што е подносливо. Без рестрикции ова е единственото можно, но казните и контролите треба да се ригорозни. Мислам дека ова не беше планирана стратегија туку изнудена. Несакајќи одиме кон колективен имунитет, а не како стратешка цел. На почетокот на месец мај имавме под 400 активни случаи, а сега тој број е речиси шест пати поголем. Имаме експоненцијален раст на позитивни случаи, кои го немавме ниту на почетокот на пандемијата кај нас.
Грешките кои се направија во водењето на оваа епидемија, а почнаа со објавување на изборната кампања, некаде на почетокот на месец мај, кога се разлабавија мерките во услови на флагрантно кршење на законите и прописите за заштита од заразни болести од страна на граѓаните, скапо ќе ги плаќаме уште долго по сите основи, здравствени, психолошки, социјални, економски итн. За нови рестриктивни мерки очигледно немаме веќе сили да ги спроведеме, економијата е пред колапс, остануваат апелите до граѓаните да престанат да ги прекршуваат мерките, да заборават на било какви прослави, собирања, свадби, родендени итн.
Какви мерки би требале да се преземаат натаму. Дали повторно рестрикции или не со оглед дека граѓаните не почитуваат мерки за заштита. Некои земји пак ги воведуваат?
-Ќе се знае за 10 дена. Ако продолжат семејните журки не е исклучено повторно воведување на рестрикции. Но мислам дека е веќе невозможно во Скопје да се направи карантин. Сметам дека треба да се најде законска можност тие што се собираат на такви средби да се носат во државен карантин. Тоа може да се направи за еден ден ако не се мисли на изборите.
Можат ли изборите да бидат епидемиолошки сигурни во ваква ситуација. Ако нема намалување на бројот на заболените, ќе треба ли да се одложат?
-Избори мора да се одржат, во цел свет ќе има избори, бидејќи ова ќе трае со години. Состојбата можеби ќе биде ублажена, но безбедна не. Важно е да нема митинзи, да нема одење од врата до врата, да се одбегнат било какви собирања. Самиот чин на гласање е безбеден, но потоа ќе има славења, протести и не знам кој ќе ги спречи. Техничкава влада сигурно не.