Од „Левица“ поднеле дури 425 приговори за изборни нерегуларности до Државната изборна комисија. Во текот на денот најавуваат и дополнителни приговори.
-По бројните нерегуларности во процесот на броењето и сумирањето на резултатите од гласањето, како и по добиените информации за случени манипулации и фалсификати, Политичката партија Левица – преку овластеното лице во ДИК – досега поднесе 425 ПРИГОВОРИ за нарушување на изборниот процес до Државната изборна комисија, се наведува во соопштението.
Како што појаснуваат од партијата која освои два пратенички мандата, овие приговори се однесуваат на „голем дел од избирачки места од повеќе изборни единици каде набљудувачите на Партијата, но и други лица кои непосредно беа сведоци на броењето на гласовите, ни дадоа информации за манипулации спроведени од страна на лица на ДИК“.
–Со овие манипулативни активности директно е оштетена Политичката партија Левица, на која ѝ се скратени три пратеници, а директно е нарушено и правото на избор на граѓаните чии гласови не се правилно валоризирани.
Дополнително, ја известуваме јавноста дека поднесувањето приговори ќе продолжи и во текот на денов, се до завршување на законскиот рок од 48 часа!, наведуваат од „Левица“.