Ако во европските метрополи – кон чие ниво се стремиме да достигнеме во однос на урбанизација, инфраструктура, но пред се култура на однесување – дивите приклучувања за користење на струјата или водата се близу до „научна фантастика“, во Скопје и во цела Македонија се секојдневие. Последната информација од скопски „Водовод и канализација“ е дека во тековната година се откриени и исклучени околу 100 нелегални приклучувања.
Се нагласува дека дивите приклучувања, во најголем дел, се направени во периферните населби на Скопје. Но, не и нелегалните приклучоци за струја, или популарно наречените крадци на струја. Тие се прават и во скопски општини централно населени, а точната бројка не им се знае. Не се знае ниту принципот на казнување, ако е познато дека има домови кои со децении „успеале“ да живеат крадејќи струја, па дури и да направат буквално семејни хациенди без денар месечно да платат за искористени киловат часови.
Логично, се поставува прашањето кој е клучниот виновник што струјата и водата се крадат „на големо“: граѓаните или надлежните кои очигледно немаат соодветен систем на откривање и санкционирање? Веројатно не може да се префрли топката само на вторите, оти културата на почитувањето на ресурсите или ја има или ја нема кај жителите. Но, надлежните се тие кои треба системот да го постават, впрочем затоа и се платени од народни пари.
Во спротивно, едни и натаму ќе живеат наводнувајќи цели ниви со крадена вода, додека другите и за нив ќе плаќаат.