Мора ли да се цртаат зградурини во ДУП-овите во Скопје?

Нов, детален урбанистички план полн со висококатници и многу згради деновиве предизвика реакции и отпори на скопјани. По револтот и противењата кои ги предизвикаа ДУП-овите кои се предложени во повеќе скопски општини какви што се „Расадник“ во Кисела Вода, за поранешна фабрика „Треска“ и за 60-катниците кај ГТЦ во Центар, сега противењето на ваков план за месноста Јурија го искажуваат и жителите на Ѓорче Петров. Таму Советот на општината неодамна го изгласа ДУП С3 24 со кој се предвидува градба на 17-катници и на повеќе други згради на просторот од околу 20.000 метри квадратни на кој ќе можат многу, многу жители.

-Ѓорче Петров ќе се претвори во урбана џунгла, не сакаме облакодери, сакаме воздух ова што го прават не е нормално. Бараме ревидирање на овој ДУП бидејќи не бил законски односно немало јавно изложување и јавна анкета за проектот. Тој ќе ни го отежне животот, новите згради ќе не покријат нас кои живееме во петкатниците. Ќе се запре струењето на воздухот, ќе се зголеми загадувањето, реагираат граѓаните на социјалните мрежи преку групата наречена „Ѓорче Петров“ кои најавуваат и блокади на сообраќајниците.

На ова од Општина Ѓорче Петров објаснуваат дека сите згради што се предвидени во ДУП С3 24 нема да бидат високи по 17 ката. Односно, дека со П+17 може да биде изведен само мал дел од површината.

-Испочитувани се сите процедури. Нема да се градат објекти со 17 ката на цела површина. Со П+17 може да биде изведен само мал дел од површината. Ова е планска одредба со која ќе се условат архитектите да изнајдат посмели архитектонски решенија за градбите – велат од Општината.

Од општината тврдат дека ќе има и доволно зеленило преку јавен парк на површина од 4.257 метри квадратни, а во секоја градежна парцела ќе има и по 20 проценти зеленило.

Но, граѓаните и општинските власти се најдоа на спротивни страни. Очигледно, ќе требаат нови усогласувања за да се најде решение. Во Кисела Вода и Центар се уште траат преиспитувањата на предложените ДУП-ови…

Претходна вестКога на ред за уривање ќе дојдат ланските 153 дивоградби на скопското подрачје?
Следна вестНе веруваме дека има помалку од 10.000 бездомни кучиња во Скопје