BOOKSTAR-20 vs. COVID-19 e слоганот на овогодинешниот фестивал на европската литература, кој преку различни настани и активности ќе го опфати цел месец октомври. Наместо стандардните гостувања и промоции на светски познати автори, оваа година фестивалот има поинаква димензија.
-Импозантни се и бројот и еминентноста на писателите што изминаа на BookStar во минатите пет години. Овој фестивал е лична севда и визија уште од студентските денови, пред петнаесетина години. За жал или за среќа, успеа да стане стварност во 2015 година, а минатата година на првиот јубилеј направивме фестивал што долго ќе се памети и ќе се прераскажува. Единствен логичен исход од сето ова беше дека годинава ќе ја добиеме целосната доверба и поддршка од државните институции. Наместо тоа, бевме цензурирани. Во време на пекање по европски вредности беше сторен обид за убиство на првиот фестивал на европска литература. Додека гледавме како приватни ’журки‘ или настани со нула реноме меѓу публиката добиваат десетици илјади евра од државната каса, брендот на BookStar беше намерно заобиколен во листата на проекти и манифестации од национален интерес. За жал, одговорните не ја поправија својата грешка понатаму и не ја прифатија нашата жалба и со тоа направија уште поголемо злосторство кон европската и кон македонската литература, но и кон угледот на самото Министерство. Како и да е, нашата издавачка куќа, како и секогаш претходно, со сопствени ресурси ќе најде начин и годинава Фестивалот да опстои, а тоа ќе биде низ една зачестена промотивна активност во текот на месец октомври, месецот на BookStar“, изјави неодмана во интервју за блогот „Антологџии“ Жарко Кујунџиски, главен уредник на „Антолог“ и директор на Фестивалот.
Првиот настан ќе биде изложба на фотографии на македонскиот режисер Милчо Манчевски, која ќе биде отворена вечерва во Музејот на современата уметност во 20 часот.