Регионот во училиште, a Македонија во бунило ја стартува учебната година

Најавени протести во Струга и Македонска Каменица против онлајн наставата, предупредувачки бојкот од средношколците и збунети родители кои заради онлајн учењето беа принудени да си дадат оставки за да ги чуваат своите деца, но и платформа за т.н. учење на далечина што падна на две тестирања: во ваква атмосфера денеска почнува учебната година. Одат во училиште само основците од 1-во до 3-то одделение и неколку средни училишта, на ниво на држава, кои доставиле содветно барање за настава со физичко присуство.

На граѓаните не им е јасно зошто се случува ваквиот хаос, кога поинакви решенија имаше, а имаше и 8 месеци во кои приоритет за државата требаше да биде учебната година. Дека постојат солуции доказ се земјите во регионот кои почнаа со настава на 14 септември:

-Грција ги отвори сите училишта во полн состав со бесплатни маски за наставниците и учениците на сите возрасти.
-Во Косово наставата стартуваше во полн состав, со присуство на сите ученици
-Во Албанија и Романија наставата е комбинирана, нешто слично како што побараа средношколците кај нас, односно се одвива една недела со физичко присуство, а една онлајн. Романија има изготвено т.н. зелено, жолто и црвено сценарио – последното за во најлош случај кога бројот на заразени би бил 50 на 1000 жители.

И европските земји, далеку поразвиени од Македонија без двоумење, стартуваа со настава со физичко присуство. Кај нас без аргументирана анализа почна да се инсистира за настава онлајн, со давање насоки колку квалитетни и со силни преформанси треба да бидат компјутерите дома за децата да можат без проблем да слушаат и гледаат што зборува наставничката од другата страна на компјутерот, и сл. Но и на самиот прв ден од почетокот на наставата „висат“ неодговорени многу важни прашања:
-Ќе успее ли да се надокнади на тие над 40 илјади деца кои нема да следат онлајн настава?
-Како ќе се надокнади за децата кои имаат слаби компјутери и интернет и нема да можат еднакво да учествуваат во наставата со другарчињата од класот?
-Зошто се наметна правило дека децата од 1во до 3то одделение што напишале дека ќе одат онлајн оти нема кој да ги зема од училиште толку рано, нема да смеат да се предомислат- а само два дена пред денешниот на владата и текна дека може целодневна настава?!…
Прашања има уште, но ниеден одговор.

Претходна вестТешко ја повредил сопствената мајка тепајќи ја во семејниот дом
Следна вестСо изложба на фотографии на Милчо Манчевски, вечерва почнува BOOKSTAR-20 vs. COVID-19