Забрана за културни настани и порано затворање на кафеаните можат да бидат нови мерки доколку сегашните мерки против корона вирусот не дадат резултати, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
-Се размислува за целосно затворање на угостителските објекти неколку часови порано од тоа што е сега или целосно затворање на објектите каде што се одржуваат културни настани. Следиме каков резултат ќе имаат новите мерки од коишто очекуваме да ја намалат трансмисијата на вирусот и ги споменав мерките што би ги вовеле во следните денови, доколку нема значително подобрување, рече Филипче во телевизиско гостување.
Филипче потенцира дека во овој период е најважно прашањето за капацитетот на болниците и бројот на лекари и медицински сестри, а не за ширењето на вирусот.
-Има доволен број кревети и нема да се дозволи да се случи пациент да не може да биде примен во болница поради тоа што нема кревет. Можно е да има само подолго чекање, доколку има поголем број на пациенти, затоа ние оспособуваме сега екстра болнички капацитети и во Клиничкиот центар и во болницата „8 Септември“ и низ сите во градовите во земјата, во сите инфективни и интернистички одделенија, изјави Филипче.