„Мистериозниот град под калето“ од Александра Тодоровиќ е насловот на интерактивната книга за деца што ќе биде промовирана вечерва, онлајн, со почеток во 19 часот на фејсбук-страницата на „Литература.мк“.
Тодоровиќ вели дека долго време го истражувала историското богатство на Скопје, а оваа е прва во серијалот книги за деца „Скопје од А до Ш“. Го обработува османлискиот период на главниот град.
– Со овој период, всушност, ја почнувам авантурата за Скопје. За оној дел пред Османлиската Империја, за време на Византија има многу малку податоци и затоа се одлучив да почнам од периодот на Скопје под османлиска власт. Серијалот е замислен така што секоја книга ќе обработува различни историски периоди на градот. Понатаму дејството би продолжило во втората книга за Скопје во време на Кралството СХС, постземјотресно Скопје и приказната би се заокружила со модерно Скопје, вели авторката Тодоровиќ.