„Скринсејвер“ е насловен перформансот што ќе биде изведен вечерва во главната сала на Младинскиот културен центар, во рамки на 45-тото издание на МОТ и здружението Локомотива – Центар за нови инцијативи во уметноста и културата од Скопје.
Станува збор за кореографско дело на Александар Георгиев. Како што соопшти организаторот, перформансот ќе биде изведен од Александар Георгиев, Дарио Барето Дамас (Шпанија), Жана Пенчева (Бугарија) и Тереза Лазарев (РС Македонија).
– „Скринсејвер“ може да се сфати како танцова пракса, но всушност станува збор за еротско ТВ поп-шоу или едноставно апсурдно видео рекламирање на архивата за танцување, која се негува уште од 60-тите, 70-тите, 80-тите и 90-тите години. Архива која спекулативно отвора простор за други темпоралности кои поинаку се бавеле со танцот, за да коегзистираат истовремено во денешната перцепција на танцот и кореографијата. Ќе се отвори простор каде што конечно ќе може да се доживе илјада пати одиграниот танц, или сеќавањето на танцот што сме го гледале толку многу пати и сите го носиме во себе како кинетичка меморија. Ќе се отвори простор за танц на идна носталгија. „Скринсејвер“ создава клима на задоволство додека танцот и кореографијата се доживуваат како кинематографска меморија на телата, наведува организаторот.