Долгоочекуваната и многу често напразно ветуваната вакцинација во Македонија од Ковид-19 конечно би требала да почне задутре. Добиените 4.680 дози од Србија први ќе ги добијат здравствените работици оти се во првата линија на борбата против корона вирусот. Така и треба да биде, а потоа да дојдат на ред оние лица од втората група, па третата…
Но, кога веќе споменавме – ред… Многу е важно да има навистина ред. Почетокот на овој процес да биде ослободен од какви и да е скандали. Те фаќање врски и прескокнување редови, те… Македонија е позната по тоа, затоа…
Ама не е само Македонија. На примерот на повеќе земји какви што се Хрватска, Германија, Перу… гледаме какви се махинации и злоупотреби можат да се прават. Вакцинирање „преку ред“, на „блиски луѓе“, „штедење“ со кое од едно шишенце со вакцинална течност се правеле повеќе шприцеви… се само дел од злоупотребите кои се откриле во јавноста. Сето тоа доволно предупредува дека и кај нас може да се случат слични манипулации.
Скандали околу вакцините имавме доволно. Затоа надлежните сега не смеат да дозволат нови скандали со почетокот на конкретното вакцинирање. Се знаат расположивите вакцини, се знае кои здравствени работници треба да ги примат и тоа мора целосно да се испочитува. Дозволувањето да се случат скандали како во други земји дополнително ќе ја намали довербата на граѓаните. Ако тоа се случи, може да се замисли каква атмосфера, притисок, злоупотреби ќе се случат кога во земјава ќе стасаат останати 200.000 вакцини од Кина, повеќе од 100.000 од Ковакц-механизмот, нарачаните од Фајзер…