Микробиологот и професор Никола Пановски го прашуваме што може да се очекува во однос на справувањето со корона вирусот откако се надмина бројката од сто илјади инфицирани лица, вакцини нема…
Ја надминуваме бројката од 100.000 инфицирани. Со оние што не ги знаеме дека биле болни, тоа е голема бројка…Колку сме далеку од колективен имунитет сега?
–Се уште сме прилично далеку. Имено, од тие 100.000, најмалку 15.000 не биле инфицирани, туку имале само позитивен наод на РНК на вирусот во носот. Кај нив не би нашле покачени антитела кон САРС КоВ 2, тие немаат имунитет. Има различни математички модели за проценка на вистински инфицираните кои одат од множење со 2 до множење со 10 на бројот на позитивните. Според мене најреално е множење со 3, односно, да речеме од кај нас 80.000 вистински инфицирани, би добиле бројка од 240.000. Има модели на претпоставки според кои се зема за пресметка бројот на умрените. На пример, ако смртноста е 1 отсто на оние кои биле инфицирани, кај нас пресметката со 3.000 починати би била околу 300.000 инфицирани до сега. Да споменам дека има и такви „научници“ кои ќе ги сретнете на социјалните мрежи и чии интервјуа забележени на видео снимки се шират како пожар, дека смртноста е 0,1 процент, не е страшна болеста, не треба вакцина итн. во смисла „Попрво би умрел отколку да се вакцинирам“. Тие се лица со академски титули. Ако е 0,1 отсто смртноста, според нив, ние сме имале колективен имунитет од 100 проценти уште во почетокот на декември, кога сме имале 2000 починати. Сега со 3000 починати, 0,1 отсто смртност значи 3 милиони инфицирани, а ние сме веројатно половина од тоа сите заедно, односно 2 милиона според древниот попис од 2002. Значи, некој со грам чесност би требало да умре од срам место да треска глупости. Тие видеа се шират насекаде и ги гледаат милиони, моево интервју ќе го прочитаат една илјадинка од оние кои ќе ги видат нивните видеа. Значи ако се 300.000, кон нив би додале уште најмалку 200.000 до 250.000 лица или 10 до 15 процнети од населението кои имале природен имунитет кон Ковид–19 и пред тој да се појави. Тоа се пред се лица кои имале настинка од сродни коронавируси во минатото.
Значи најмалку 500.000 лица би требало да имаат некаков имунитет кон вирусот. Тоа би значело да не заболуваат, полесно да поминуваат ако заболат, потешко да ја шират болеста. Кога би знаеле колкаво е населението во Македонија, а не знаеме, би можеле да го пресметаме процентот на колективниот имунитет. Ако сме 2 милиони, 25 отсто, ако сме 1,5 милион, 33 процнети. Ова е најпесимистички, оптимистичките проценки одат до 700.000, што е 40 до 50 отсто колективен имунитет, односно 35 отсто според пописот 2002. До 70 проценти има уште доста. Колективниот имунитет не е подеднакво застапен кај целото население. Тој е различен од град до град, многу е помал во селата, се разликува по возраста итн.
Дали е можен и нов бран од вирусот со оглед на тоа дека бројките последниве денови се зголемуваат, а и се повеќе замав зема британскиот сој на вирусот?
– Да тоа се случува, само не знаеме колкав ќе биде бранот. Се надевам не како оној есенскиот, но има многу фактори од кои тоа зависи, а единствен на кој можеме да влијаеме е нашето однесување и почитување на мерките. За нови рестрикции изгледа дека нема повеќе капацитет, економијата не би издржала, барем не кај нас овде.
Што очекувате од најавената вакцинација која доцни? Дали она што се планира ќе биде доволно?
– За жал вакцината нема да не спаси од бранот кој доаѓа, таа доцни, а ако воопшто дојде поголема количина на вакцини во март, нејзините првични ефекти би се виделе во јуни, доколку вакцинираме со темпото на Израелците, а тоа според мене би биле 5.000 до 10.000 вакцинирани дневно, а не 2.500 како што е планирано. Имено, Израел вакцинира од декември, а сега ги гледа првичните резултати. Тоа што се планира е премногу, според анкетите, бројот на пријавени за вакцини е прилично мал, околу 100.000!!!. Па само со кинеските ќе се вакцинираат со две дози овие 100.000. А уште милион се нарачани!!! Ова е земја каде што традиционално доминираат бајачите и надрилекарите, науката и струката е фрлена на буниште. Во оваа земја имаме доктори кои се однесуваат како бајачи и надрилекари. Место да си купевме вакцини во декември, како Србите и Израелците, ние ќе си истераме уште еден бран, уште некоја илјада умрени, илјадници болни со последици на прележаната болест, уште илјадници без работа и леб. Така и со народот. На 300 милиони вакцинирани во светот до сега, масовно се прашува нашиот народ дали ќе умре од вакцината. Прво ќе се вакцинира Израел, па Србија, па кога ќе видиме дека тие си живеат среќно и задоволно, е тогаш и нашиот народ ќе побара вакцини. Тогаш оние нарачаните, дури и платените вакцини, ако воопшто стигнат, ќе се потрошат, ако до тогаш, додека се свести Македончето, не им помине рокот.